„Во рамките на институциите се врши проверка-истрага, за да се констатираат пропустите при носењето на таквата одлука, изјави Мухамед Хоџа, портпарол на Владата на Северна Македонија.
Ова е денешниот одговор на владата на прашањето „дали ќе се бара директна одговорност од врвот на Агенцијата за национална безбедност“ за скандалот „Олександр Онишченко“. Случајот со украинскиот бизнисмен кој, иако ставен на американската „црна листа“, добил македонско државјанство се најде на вчерашната владина седница – владата реши да си ја поништи сопствената одлука за прием на Онишченко во државјанство на Северна Македонија, користејќи го членот 14 од Законот за државјанство кој овозможува таков чекор ако се утврди дека „странецот при поднесување на барањето за прием на државјанство дал невистинити или неточни податоци“.
Конечното спроведување на одлуката за одземање на државјанството на Онишченко е на Министерството за внатрешни работи кое владата го задолжи да постапи веднаш. Но, дали е тоа сторено, засега нема одговор од МВР. Полицискиот врв денеска беше во посета на југот на земјата, но не даде детали за овој случај.
И покрај фактот дека на проблематичниот Украинец, кој поседува и руски пасош, му се одзема македонското државјанство, сепак останува прашањето како тоа неколку надлежни институции, вклучувајќи ја и АНБ, дозволиле таков човек да ги помине сите филтри.
„Сакаме да потенцираме дека очекуваме во најбрз можен рок институциите да ја завршат истрагата и јавноста ќе биде информирана.“, Мухамед Хоџа, портпарол на Владата на Северна Македонија.
„АНБ дава дозволи за државјанство на контроверзни светски политичари кои се на црна листа на САД и не се способни да отворат на интернет да ги проверат на јавно достапни информации“, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски, веќе јавно призна дека Агенцијата направила пропуст и дека тој е подготвен, ако се утврди, да сноси одговорност за тоа како Онишченко, човек кој е ставен на црната листа на САД, во мај годинава добил македонско државјанство по претходно позитивно мислење на АНБ. Објаснувањето на Димовски, кој е одреден за иден амбасадор во Франција, беше дека грешката е направена на последното ниво на проверка - координација на Агенцијата со службите на членките на НАТО, вклучувајќи ја и американската. Така Онишченко, за кој е утврдено дека се мешал во американските претседателски избори, добил македонско државјанство и дури за земјава настапувал во коњички скокови. Иако има обиди за санирање, штетата веќе е направена...
„Ова навистина беше тежок удар за нашата репутација како кредибилен партнер во НАТО.“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.