Афирмација на европската перспектива, поддршка за надминување на енергетската криза, најава за намалување на цените на роамингот – овие уверувања земјите од регионот ги добија на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана.
Собирот кој, за првпат, во ваков формат, се одржува во држава која не е членка на Унијата, го собра европскиот и политичкиот врв на „балканската шесторка“ во ситуација кога нема најава за стивнување на војната во Украина, негативните економски последици од неа, како и тензиите во регионот, особено меѓу Белград и Приштина.
„Апсолутно сум уверен дека иднината на нашите деца ќе биде посигурна и попросперитетна со земјите од Западен Балкан во ЕУ и напорно работиме за да има напредок“, изјави Шарл Мишел, претседател на Советот на ЕУ.
Едно од клучните прашања било енергетската стабилност на Западен Балкан – лидерите на земјите членки на ЕУ порачале дека оваа тема ја третираат исто како да е европска и дека Унијата ќе биде туку за надминување на какви било проблеми во регионот поврзани со снабдувањето и цената на енергенсите.
„Од наша страна, ние сме силно посветени на регионот, да го поддржиме, да се справи со последиците од војната во Украина. Цената на струјата значително порасна и ние ќе пружиме поддршка на домаќинствата“, рече Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Претседателот на Франција Емануел Макрон вели „имаме конкретни проекти за кои разговараме. Исто така е важно да постои солидарност меѓу ЕУ и Западен Балкан во однос на енергијата и процесот на интегрирање на Балканот во Европската унија. Важно е да се работи на натамошна солидарност и натамошно продлабочување на политичката агенда.“
Македонскиот премиер, како што соопштија од неговиот кабинет, информирал дека земјава „успешно се справува со енергетската криза, обезбедува енергетска стабилност за што во функција се ставени сите расположливи капацитети за производство на струја и спорведува повеќегодишна стратегија за зелена транзиција“.
На самитот учествуваше и српскиот претседател, иако првично најави дека нема да дојде поради како, што соопшти Белград, непринципиелниот однос на Унијата во обидите за надминување на тензиите меѓу Косово и Србија.
„Секогаш е подбро да сте на масата зашто ако не сте на масата тогаш вообичаено сте на мените и сите не може да дочекаат.... Затоа, ова е добра можност за зачувување на интересите на Србија. Србија е независна земја. Ако на некои им е полесно да не` критикуваат и да кажат дека сме блиску до Русија, тоа е она што Лајбниц го нарече ‘доволна причина’ – да критикуваш некого кога нема ништо друго да додадеш“, вели Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Денешното потпишување на заедничката декларација меѓу телеком операторите на ЕУ и на Западен Балкан е најава за поевтинување на цените на роамингот од идната година – идејата е тие понатаму целосно да се отстранат.