Секретарот за одбрана Лојд Остин рече дека сака да ја задржи обврската за војската да се вакцина против ковид-19, за да го заштити здравјето на војниците, додека републикански гувернери и законодавци притискаат да се укине.
Изминатава недела повеќе од 20 републикански гувернери испратија писмо до претседателот Џо Бајден во кое бараат администрацијата да ја укине наредбата, велејќи дека тоа ѝ наштетило на способноста на Националната гарда на САД да регрутира војници. Тие трупи се активираат од гувернерите за да одговорат при природни катастрофи или немири.
Конгресот може да ја разгледа легислативата следната недела за завршување на обврската како услов за собирање доволно поддршка за усвојување на овогодишниот буџет за одбрана, кој веќе доцни два месеца.
Остин рече дека нема да коментира за притисокот од Конгресот.
„Изгубивме милион луѓе поради овој вирус“, им рече Остин на новинарите кои патуваа со него во саботата. „Милион луѓе починаа во САД. Изгубивме стотици во Одделот за одбрана. Оваа обврска ги одржа луѓето здрави“, рече тој, и додаде дека го поддржува продолжувањето на вакцинацијата на војниците.
Минатата година Остин нареди сите војници да примат вакцина оти во спротивно ќе беа отпуштени од работа. Илјадници активни дежурни сили беа отпуштени оттогаш поради нивното одбивање да добијат вакцини.
Извор: АП