Линкови за пристапност

Обединетите Арапски Емирати и Украина ќе почнат преговори за билатерален трговски договор


Ова ќе биде прв таков договор на Обединетите Арапски Емирати со европска земја, а најверојатно ќе опфати можности за проширување на трговијата во услужниот сектор и безбедноста на храната
Ова ќе биде прв таков договор на Обединетите Арапски Емирати со европска земја, а најверојатно ќе опфати можности за проширување на трговијата во услужниот сектор и безбедноста на храната

Обединетите Арапски Емирати и Украина денес најавија дека планираат да почнат преговори за билатерален трговски договор, кој се очекува да биде склучен до средината на следната година, соопшти Министерството за економија на Обединетите Арапски Емирати.

Обединетите Арапски Емирати се обидуваат да останат неутрални во руско-украинската војна и покрај притисокот на Западот врз производителите на нафта од Персискиот залив да помогнат да се изолира Москва, членка на ОПЕК +.

Министерот за надворешна трговија на Обединетите Арапски Емирати и министерката за економија на Украина потпишаа заедничка изјава за преговорите за договор за сеопфатно економско партнерство, соопшти Министерството.

Тоа ќе биде прв таков договор на Обединетите Арапски Емирати со европска земја, по повеќе од 3 милијарди американски долари трговски и инвестициски ветувања дадени за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на заливската држава во февруари 2021 година.

„За нас, Украина е клучен трговски партнер. Потенцијалот за раст и инвестирање беше висок пред целата геополитичка ситуација. Мислиме дека е време да се туркаат работите напред“, изјави за Ројтерс Тани Ал Зејуди, министер за надворешна трговија на Обединетите Арапски Емирати.

Трговијата без нафта меѓу Обединетите Арапски Емирати и Украина изнесуваше нешто повеќе од 900 милиони долари во 2021 година, што е за скоро 29 проценти повеќе во однос на претходната година и 12 проценти повеќе отколку во 2019 година, според Обединетите Арапски Емирати.

Разговорите најверојатно ќе се фокусираат на можностите за проширување на трговијата во услужниот сектор и за безбедноста на храната. Украина е главен снабдувач на жито на Блискиот исток.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG