Линкови за пристапност

Уапсен и претепан новинар на Би-Би-Си додека известувал за протестите во Шангај


Официјалните лица кои подоцна го ослободија рекоа дека го уапсиле за негово добро во случај да фател ковид во толпата, соопшти телевизијата
Официјалните лица кои подоцна го ослободија рекоа дека го уапсиле за негово добро во случај да фател ковид во толпата, соопшти телевизијата

Би-Би-Си соопшти дека еден од нивните новинари во Кина бил уапсен и претепан од полицијата додека известувал за протестите вчера против нулта ковид политиката на земјата.

Стотици луѓе излегоа на улиците во големите кинески градови во неделата во редок излив на јавен гнев против државата.

„Би-Би-Си е крајно загрижена за третманот на нашиот новинар Ед Лоренс, кој беше уапсен додека известуваше за протестите во Шангај“, се вели во соопштението на телевизијата.

Лоренс, кој работел во земјата како акредитиран новинар, бил задржан неколку часа, а за тоа време бил тепан и клоцан од полицијата, јавува Би-Би-Си. Подоцна бил ослободен.

Лоренс денес твитна за да им се заблагодари на своите следбеници, додавајќи дека верува оти „најмалку еден локален државјанин бил уапсен откако се обидел да ја спречи полицијата да ме претепа“.

Репортерот подоцна се вратил на местото на протестот, според видеата што ги објави на неговиот Твитер профил.

„Многу е загрижувачки што еден од нашите новинари беше нападнат на ваков начин додека ги извршуваше своите задачи“, соопшти Би-Би-Си, и додаде:

„Немавме никакво официјално објаснување или извинување од кинеските власти, освен тврдењето на официјалните лица кои подоцна го ослободија дека го уапсиле за негово добро во случај да фати ковид во толпата“.

Би-Би-Си рече дека ова не го смета за веродостојно објаснување.

Британски владин министер денес ги осуди активностите на кинеската полиција како „неприфатливи“ и „загрижувачки“ откако Би-би-си објави дека Лоренс бил уапсен и претепан додека известувал за протестите за ковид-19 во Шангај.

Кинеското министерство за надворешни работи денес соопшти дека Лоренс не се претставил како новинар.

„Врз основа на она што го дознавме од релевантните власти во Шангај, тој не се идентификуваше како новинар и доброволно не ги предаде своите акредитивни писма за печатот“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, велејќи им на меѓународните медиуми „да ги следат кинеските закони и прописи додека се во Кина“.

Извор: Агенција Франс-прес

XS
SM
MD
LG