Линкови за пристапност

Сообраќаен колапс во Скопје: Приватните превозници на протест со автобусите, колони возила на булеварите


Приватните превозници со триесетина автобуси ја блокираат крстосницата кај т.ц. „Мавровка“ во Скопје
Приватните превозници со триесетина автобуси ја блокираат крстосницата кај т.ц. „Мавровка“ во Скопје

Сообраќаен колапс од утрово му се случува на Скопје – приватните превозници излегоа на протест со нивните автобуси и ја блокираа крстосницата кај т.ц. „Мавровка“. Тоа предизвика километарски колони од возила низ централното подрачје на градот и енормно долги чекања на крстосниците.

Приватните превозници тврдат дека Јавното сообраќајно претпријатие, кое е под надлежност на Град Скопје, им должи околу милион и пол евра, за автобускиот превоз во градот и прстот за вината го посочуваат кон градоначалничката Данела Арсовска.

Превозниците велат дека нема да ја прекинат блокадата додека не наидат на позитивен одговор од градот, за исплата на долговите кон нив.

Воедно, на утринското обраќање до граѓаните, побараа помош и од премиерот Димитар Ковачевски, како и од претседателот Стево Пендаровски. Имаше повици и за оставка на градоначалничката Арсовска.

Според договорот, приватниците од Градот треба да добиваат по едно евро за секој изминат километар. Но, како што тврдат, овој договор градските власти не го почитувале и три месеци не им ги префрлиле потребните исплати, кои се искачиле на 1,5 милион евра.

Градоначалничката Арсовска, пак, рече дека тврдењата за долгот на ЈСП кон приватните превозници се лажни и манипулација на јавноста.

„Ниту градот, ниту ЈСП нема да бидат дел од криминал што се случува од 2017 година... Организаторите на приватниот превоз „Мак експрес“ и „Слобода превоз“ од крајот на 2017 година, па сè до овој момент немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет во автобусите.. Иако пријавувале дека возеле околу 400.000 километри на месец, и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар коешто го фактурирале во ЈСП. Во меѓувреме не пријавиле ниту една продадена карта во автобус.. Наједноставно, наплаќале билети, а тие пари не ги пријавувале. Се ставале најверојатно во нечиј џеб“, рече Арсовска на неодамнешна прес-конференција.

Поради сообраќајниот хаос, голем број жители на Скопје утринава тргнаа пеш или со велосипеди кон своите работни места, на училишта, факултети.. Автобусите на ЈСП сообраќаат низ градот, но поради блокадата кај т.ц. „Мавровка“ голем дел возат по изменети траси.

XS
SM
MD
LG