Од 1 декември прехрамбената индустрија оди под капата на ЕСМ продажба и ќе плаќа струја по цена од 80 евра за мегават,што беше едно од клучните барања. Намалувањето на цените се очекува од почетокот на идниот месец. Доколку некоја од суровините за производство на храна која се увезува поскапи државата ќе интервенира за да нема дополнителни поскапувања
СКОПЈЕ – Од 5 до 13 отсто пониски цени на прехрамбените производи, местото и млечните продукти во декември. Ова се предвидувањата на министерот за економија, Крешник Бектеши, по денешната средба со преставниците на прехрамбената индустри и ланците на трговски маркети.
Тој тврди дека веќе некои продукти како лебот и млекото се продаваат со пониски цени, но вистинското намалување односно падот на цените го очекува во првата недела од декември кога и официјално прехрамбената индустрија оди под капата на ЕСМ продажба и ќе плаќа струја по цена од 80 евра за мегават час.
„Одреден производител на млеко пред четири-пет дена имаше цена над 80 денари, а денеска цената е 76 и најверојатно од 1 декември ќе има дополнително намалување. Одредени производители на леб имаат цени над 40 денари, а денеска тие се движат од 36 до 38 денари. Истото важи и за месните производи. Од 5 до 13 отсто очекувам до првата недела на декември да има намалување на основните прехрарамбени производи. Ако нема намалување во овој ранг на проценти во зависност од производите ќе ги донесеме новите мерки кои се подготвени од министертсвото за економија“, изјави министерот Крешник Бектеши.
Од прехрамбената индустрија со месеци бараа намалување на цената која ја плаќаат за струја и тврдеа дека цените поскапуваат поради тоа. Сега како проблем наведуваат и други суровини кои мора да ги увезуваат а се поскапени.
„Тоа што им беше најголем товар се среди. Доколку некоја суровина која се увезува а е неопходна за производство на прехрамбените производи поскапи имаме механизми за стабилизација на цените и ако е тоа проблемот за да има дополнително намалување подготвени сме и тоа да го направиме, но мора да видиме дека има воља кризата да не биде на товар на граѓаните“, рече Бектеши.
Од минатата недела на сила е новиот Закон за заштита на правата на потрошувачите во кој доколку се утврдат манипулации со цените кај трговците и измами на потрошувачите се предвидува, покрај посотечките парични казни, и изрекување на забрана за вршење на дејност.
Во Законот се јасно дефинирани начините на кои ќе се одвиваат акциите и промотивните периоди во маркетите и продавниците како и сезонските намалувања кои ќе ги има во два наврати - летно, од 25 август до 25 септември и зимско од 25 декември до 25 јануари наредната година. Кога станува збор за продажба на стоки на кои им изминува рокот на употреба трговците се должни физички да ги одвојат од другите артикли и видливо да означи дека рокот истекува.