В петок треба да стане појасно како контроверзен украински бизнисмен, кој е на т.н американската црна листа, годинава добил македонско државјанство. Тогаш во Собранието, пред надлежната комисија, треба да се појави директорот на Агенцијата за национална безбедност-АНБ, една од клучните институции во процесот на проверка дали и кој странски државјанин може да стане државјанин на Северна Македонија.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски, поради службено патување, наместо утре, в петок ќе реферира пред пратениците за случајот „Олександр Онишченко“, човек кому во мај годинава владата, по претходно мислење на безбедносните служби, владата му даде македонско државјанство.
И самиот премиер, за оваа ситуација, се повика на информација која на владата и ја доставиле четирите надлежни институции, меѓу кои е и АНБ.
„Владата носи одлуки врз основа на мислења од страна на институции кои учествуваат во носење на некоја одлука. При носењето на државјанството на Онишченко беа доставени сите позитивни мислења од сите институции кои за тоа требало да го дадат тоа мислење. Врз основа на тоа мислење министрите го кажуваат своето позитивно или негативно мислење. Во овој случај со оглед на тоа дека сите документи се со позитивни мислења од сите институции, донесено е и позитивно решение“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Но, токму таквото позитивно решение е проблематично зашто е донесено речиси година и половина откако Онишченко е ставен на црната листа на САД, стратешкиот сојузник на Северна Македонија.
Украинскиот бизнисмен со тазе македонски пасош си го „заслужил“ местото на списокот поради, како што се наведува во документот на американските федерални служби, мешање и обиди за влијание на претседателските избори во 2020 година.
Но, тој факт не ги спречил македонските институции да дадат позитивно мислење, Онишченко да добие пасош и дури годинава да ја претставува земјата на натпревар во коњички скокови.
Проверката на името Олександр Онишченко покажува дека тој се наоѓа во избирачкиот список и како негова адреса стои адреса во скопско Пржино. Токму таму вчера новинарска екипа на ТВ 24, која работела на настанот, ја нападна сопственикот на објектот.
Напаѓачот беше приведен, но новинарските здруженија денеска пред Собранието побараа да се стави крај на ваквите настани.
„Апелирам до институциите конечно да го решат статусот, не само на снимателите, туку и на новинарите, секој напад врз нас да биде напад врз службено лице“, изјави Трајче Илиевски од секцијата сниматели при ЗНМ.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски побара „итно, во наредните денови, овој случај целосно да се расчисти.“
Онишченко, кој има и руско државјанство, според фотографиите достапни на социјалните мрежи, води раскошен живот, постојано е во присуство на познати јавни личности.
Тој од 2016 е во бегство од матичната Украина која го гони за перење пари и по кого распиша потерница.
Престојувал и во Шпанија и во Германија, а од неодамна ја претставува и Северна Македонија во коњички скокови.