Кинескиот претседател Шји Џјинпинг се согласи да ги продолжи разговорите за климатските промени со САД, изјави денес претседателот Џо Бајден, три месеци откако Шји ги прекина тие контакти како реакција на посетата на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси на Тајван.
Кина и САД се најголеми загадувачи на климата во светот. Продолжувањето на преговорите на двете земји за напорите за климата се смета за клучно за постигнување на масовни намалувања во употребата на јаглен и други фосилни горива потребни за забавување на глобалното затоплување.
Бајден и Џјинпинг се сретнаа на маргините на самитот на Г-20 во Бали, Индонезија.
И двајцата се обврзаа да ги насочат високите функционери на нивните влади да „одржат комуникација и да ги продлабочат конструктивните напори“ за повеќе прашања, вклучително и за климатските промени и за безбедноста на светското снабдување со храна, соопшти Белата куќа.
Бајден и Шји денес разговараа околу три часа на нивната прва лична средба откако американскиот претседател ја презеде функцијата пред речиси две години, со цел да се средат разликите меѓу суперсилите, додека се натпреваруваат за глобално влијание во услови на зголемено економски и безбедносни тензии.
Шји и Бајден се поздравија со ракување во луксузен хотел во Индонезија, каде што присуствуваат на самитот на групата Г-20 на големите економии, пред да седнат на официјални разговори.
„Како лидери на нашите две нации, ние ја споделуваме одговорноста, според мое мислење, да покажеме дека Кина и САД можат да управуваат со нашите разлики, да спречат конкуренцијата да стане нешто блиску до конфликт и да најдеме начини да соработуваме за итни глобални прашања. Тоа бара наша меѓусебна соработка“, рече Бајден на отворањето на средбата.
Шји го повика Бајден да го „зацрта вистинскиот курс“ и да ги „подигне односите“ меѓу Кина и САД, а тој рече дека е подготвен за „искрена и длабока размена на мислења“ со Бајден.
Извор: АП