Линкови за пристапност

Блупринт група: Изборот на Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал не беше транспарентен


Граѓаните и стручната јавностне беше запознаена со професионалните кариери и компетенциите на кандидатите. За изборот не се запазени ниту минималните стандарди за процесот да може да се оцени како транспарентен бидејќи ниту биографиите на кандидатите не беа објавени на веб-страницата на Советот на јавни обвинители

Изборот Ислам Абази за на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) не престанува да ја бранува јавноста. Откако се појавија слики на кои тој е во друштво со лидерот на ДУИ , Али Ахмети и високи партиски функционери, денеска со реакција и од Блупринт групата за реформи во правосудството кои процесот го оценија како нетранспарентен поради отсуството на биографиите и професионалните кариери на кандидатите за шеф на овбвинителството.

Нивната реакција следува откако на 7 ноември обвинителите за првпат според новиот Закон за јавно обвинителство на непосредни избори гласаа и го избраа вишиот обвинител Ислам Абази за нов шеф на ОЈО ГОКК.

Од Блупринт групата сметаат процесот за избор со непоредно гласање на обвинтелите е добар начин и е напреден процес кој влијае на унапредувањето на независноста на обвинителите и внатрешната контрола на обвинителската професија, но нивните забелешки се однесуваат на тоа како целиот избор се одвиваше во пракса.

„Блупринт групата забележува дека имаше пропусти во текот на постапката за избор на Основен јавен обвинител на ОЈО-ГОКК. Имено, процесот на избор беше недоволно транспарентен, па за четирите кандидати недостасуваа податоци за професионалната кариера. Јавноста, а посебно стручната јавност, немаше можност да се запознае со предлог програмата на кандидатите што би влеало доверба во процесот, а би влијаело на доверба во институцијата. Ова е особено важно ако се земе предвид дека станува збор за Обвинител кој ќе раководи со Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, чии постапки се од висок интерес за јавноста, медиумски се експонирани и значително влијаат врз формирањето на мислењето и довербата на јавноста во обвинителството и судството во целина“, велат од Блупринт групата.

Јавноста, пред сè, стручната, порачуваат овие организации, неопходно е да се запознае со професионалните кариери и компетенциите на кандидати. Но, за изборите во понеделникот, според оценките на Блупринт групата, не биле запазени ниту минималните стандарди за процесот да може да се оцени како транспарентен бидејќи ниту биографиите на кандидатите не беа објавени на веб-страницата на Советот на јавни обвинители.

„Блупринт групата изразува загриженост и за начинот на објавување на неофицијалните информации за изборот на Основниот јавен обвинител на ОЈО-ГОКК пред официјално да бидат собрани гласовите од страна на Комисијата за спроведување на изборите и очекува објективно и непристрасно известување базирано на докази и официјални извори“, додаваат од организациите кои се дел од оваа група.

Во иднина, порачуваат од Блупринт групата, неопходно е повеќе да се посвети внимание на транспарентноста во изборните процеси во правосудните органи, за да не се создаваат сомнежи во изборот, кои влијаат на довербата во институциите.

Блупринт групата, која ги следи реформите во правосудството, ја сочинуваат: Македонско здружение на млади правници (МЗМП); Институт за европска политика (ЕПИ); Институт за човекови права (ИЧП); Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС); Хелсиншки комитет за човекови права; Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА) и Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Новиот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази во понеделникот беше избран со 66 гласа. Со само два гласа разлика тој се пласираше пред скопскиот обвинител Ермон Незири. Кандидати беа и досегашната шефица Вилма Русковска која освои 14 гласа, како и обвинителката од Вишото јавно обвинителство Гостивар, Деса Пауновска, која доби 10 гласа.

XS
SM
MD
LG