Линкови за пристапност

Како до први? Инфлацијата го изеде семејниот буџет


Граѓаните се потешко го преживуваат месецот поради галопирачкиот раст на цените. Од две до 15 илјади денари е кусокот во семејниот буџет, ако се споредат статистичките податоци за минимална и просечна плата со минималната синдикална кошничка, за која и од Синдикатот велат дека е нерална и е далеку повисока. Од ССМ предупредуваат дека ако нема итна реакција од Владата, антикризни мерки и покачување на плати, државата ќе остане и без млади и без работници



СКОПЈЕ – Инфлација, поскапувања, високи сметки... Граѓаните се почесто мака мачат како да врзат крај со крај до први во месецот и до наредната плата. Дупката во семејниот Буџет од месец во месец е се поголема и подлабока. Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) излезе со минималната потрошувачка кошница која ја позиционираше на 51.500 денари. Ако се земе предвид дека минималната плата е 18 илјади денари тогаш на четиричлено семејство каде двајцата родители приминаат минимална плата му недостасуваат дури 15.500 денари за да може да ги покрие и задоволи основните потреби. Па дури и ако во семејството приходите се една просечна и една минимална плата ќе има кусок на средства од речиси две илјади денари.

„И јас и сопругата работиме. Можам да кажам дека имаме солидни примања, но од месец во месец куповната моќ ни е помала. Не паметам кога последен пат сме успеале да заштедиме некој денар за следниот месец“, вели Марко Николовски.

Според ССМ се поголем број на граѓани во државата живеат на прагот на сиромаштијата или во сиромаштија.

Иван Пешевски, ССМ
Иван Пешевски, ССМ

„Настрана платите што ги земаат вработените и тие што се во оптек се изедени за 20 отсто поради инфлацијата. Факт е дека во Македонија повеќе не се живее со минимална или прсечна плата. Она што го пресметуваме како минимални трошоци е најмизерно. Не се ова борби за работнички туку за човекови права. Луѓето едвај врзуваат крај со крај со овие примања. За една година минималната потрошувачка кошничка е зголемена за 17 илјади денари. Тоа е како една плата која ја немаме. 120 илјади граѓани земаат минимална плата и 100 илјади меѓу минимална и просечна. Тоа значи дека скоро половина од граѓаните во државата живеат мизерно и на прагот на сиромаштија“, изјави Иван Пешевски, претседател на Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.

Ако се погледне минималната кошничка по ставки може да се види дека неколку од нив се нерални и се далеку повисоки. Кошничката предвидува 796 денари од семејниот буџет за здравствени услуги или за облека и обувки 2.246 денари. Во кошничката исто така нема ставка за кредит, нешто што огромен број на граѓани во државата го имаат на товар секој месец.

„Во кошницата се најминималните и најнеквалитетните побарувања на работникот. Да може барем едно парче ефтина облека од пазар да купи во месецот. Ние знаеме дека без 1.500 денари не се влегува во аптека само за витамини. Тука не се опфатени хронично болните. Тука се пресметани само основните лекови. Оваа сума е далеку од доволна и тоа го знаеме. Во кошничката нема дека се плаќа школарина или факлутет или кредит. Кошничката е некоја слика што е навистина најминимална што не значи дека голем дел од грашаните не го минуваат така месецот“, објаснува Пешевски.

ОД ССМ предупредуваат дека доколку не се превземат итни мерки, иселувањето на младите но и работоспособното население ќе се зголеми уште повеќе.

„Овие поразителни податоци сметаме дека направија голем дел од младите но и од граѓаните да се отселат од држават трајно. Веќе не сме актуелни за работници од страна, ниту ни од третиот свет. Вклучена е црвената сијаличка како да се задржат и платат работниците. Не може изговор да биде дека има светска криза. На крајот на денот тоа го чувствуваат само работниците, не и пратениците и министрите со нивните примања и бенефиции. Мора да седнеме на маса и да направиме нешто за работникот бидејќи во спротивно во ЕУ ќе влеземе како територија на хартија без граѓани во неа“, дециден е Пешевски.

Од Синдикатот велат дека очекуваат тужбата кон државата која ја поднесоа во Граѓанскиот суд а со која бараат покачување на платите за 18,4 отсто да биде прифатена и во спротивно најавуваат радикализирање со нови протести но и штрајк.

На удар се и пензионерите.

„ Дома сме двајца пензионери. Штедиме колку што можеме, кратиме на се што можеме. Малку ни е потребно и доволно, но некогаш не стига. Едниот син ми е во странство па помога“, вели Марија Јакимовска.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика инфлацијата во октомври е 19,8 отсто а прехрамбените производи за само една година во просек се поскапи за 30 отсто.

XS
SM
MD
LG