Линкови за пристапност

Најскапи месото, лебот и маслото, економистите бараат да се заузда инфлацијата


Со македонски плати плаќаме европски цени, велат граѓаните
Со македонски плати плаќаме европски цени, велат граѓаните

„Неверојатно е секојдневно да растат цените на производите, така што човек само може да се почеша, да не знае кој крај да го фати. Што значи дека мора нешто да се преземе под итно. Со овие цени моментално сме никако“, вели граѓаните, кои се исплашени од секојдневниот и неконтролиран пораст на цените на прехранбените производи.

Велат дека со последните покачувања едвај го поминуваат месецот. Најголем скок има кај месото, лебот, маслото но и кај млечните производи, како млеко, сирење и кашкавал, што во маркетите достигнаа цена и до 700 денари за килограм. Со македонски плати плаќаме европски цени, велат граѓаните.

„Мислам дека се нереални цените. Треба да се има предвид економската ситуацијата и стандардот на населението, посебно на социјалните случаи и мислам дека треба поголема поддршка на ранливите категории. За колку се покачени цените? Мислам дека од 10 до 50 отсто за некои производи, а за некои и повеќе“.

„Вештачко зголемување гледам секој ден. Секој ден различни цени, како ќе им текне така ги креваат. Нема една недела да трае една цена. Да купиш нешто поголемо автомобил или за облекување нема шанса“, реагираат тие.

„Мислам дека по маркетите има артикли чии цени се менуваат на секои пет минути. Продавачите не се во можност да ги менуваат цените. Остануваат старите цени и реагираат муштериите. Ова е злоупотреба на кризното време“.

Доколку се прати трендот на раст на цените ќе се види искривување на соодносот понуда-побарувачка, велат економските експерти.

„Очигледно трговските компании го користат моментот каде што е отворена таа инфлаторна спирала, така што го користат моментот и имаме неоправдан порастот на цените. Бидејки од една страна има ниски откупни цени од производителите на основни продукти, а од друга страна имаме евидентен рапиден пораст на цените на прехранбените производи што е неоправдано“, вели Јованка Дамоска Секулоска, универзитетски професор по економија.

Таа смета дека државата треба да ги заштити потрошувачите од аспект на регулирање на цените, замрзнување или определување на одредени фиксни маржи, поголеми санкции врз трговците, бидејќи вели дека има неконтролиран пораст на цените.

„Очигледно е дека државата треба да воспостави поголема контрола на тоа како се формираат цените, бидејки не може вие секојдневно да имате ваков раст на цените. Мора да се заузда таа инфлација“, вели Дамоска Секулоска.

Со новиот пакет мерки го зачувуваме стандардот на граѓаните и ги штитиме компаниите, рече премиерот Димитар Ковачевски.

„Со мерката - поевтина струја од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи, ги стабилизираме цените на пазарот“, рече тој.

XS
SM
MD
LG