„Буџет е креиран според потребите на државата, а не според можностите, односно планираните приходи, поради што произлегува стандардното дефицитно буџетско финасирање, односно потребата од ново нето задолжување. Дали Буџетот ќе влијае позитивно на економскиот развој, ќе зависи меѓу другото од искористеноста на планираните капитални расходи“, смета експертот Павле Гацов.
СКОПЈЕ – Дали Буџетот за 2023 година ќе биде спас од кризата или пак ќе ја продлабочи посточеката е прашањето на кое министерот за финансии Фатмир Бесими и експертската јавност имаат спротивствени ставови. Отсуство на детали за најавената даночна реформа преку која државата ќе ги собира приходите е она на што имаат најмногу забелешки економистите.
Тие се на ставот дека борбата со сивата економија мора да биде поефикасна и во системот за наплата да се вклучат што е можно повеќе субјекти со што ќе се полни државната каса.
„ За жал не беше презентирана најавената даночна реформа. Со оглед дека нејзината примена би требало да стартува од 1 јануари 2023 година очигледно истите се познати за креаторите на економските политики и се калкулирани во Буџетот 2023. Прибирањето на приходите ако продолжи трендот на висока инфлација веројатно ќе го помогне нивното собирање, но поголеми ефекти би имало ако навистина се прибираат приходи од сегментот на сива економија, односно ако се спроведуваат политики и мерки за опфат на неоданочените економски субјекти и граѓани. Зголемувањето на даночниот товар би имало ефект на истиснување во однос на регуларните даночни обврзници“, вели Павле Гацов,даночен експерт.
Гацов смета дека Буџетот е креиран според потребите на државата, а не според можностите, односно планираните приходи и затоа се јавува дефицитот и потребата од нови задолжувања.
„ Дали Буџетот ќе влијае позитивно на економскиот развој, ќе зависи меѓу другото од искористеноста на планираните капитални расходи“, смета Гацов.
За да се спречи натамошниот раст на инфлацијата, која за наредната година е проектирана на 7,1 проценти, ќе биде потребно да се штеди а Владата да се бори со координирани акции на монетарната и фискалната политика.
„ Инфлацијата сеуште е висока, со раст кој бавно се намалува и извесно е дека ќе го продолжи да се движи во иста насока и во првата половина на 2023 година. Високата инфлација ќе влијае и на високи даночни приходи од една страна, но и на потребата од индексација на социјалните и други расходи, од друга. Затоа во делот на расходите е потребно затегање, односно штедење кое ќе има позитивно влијание и во борбата против високата инфлација“, објаснува Гацов.
За Гацов проектираните 800 милиони евра за капитални проекти се преамбициозни и неостварливи на терен и најверојатно како и годинава ќе бидат скратени при ребаланс на Буџетот.
Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ со обвинување дека Буџетот за 2023 година ќе ја втурне државата во поголема криза наместо да ја надмине.
„ Дефицитот кој го проектира владата е рекордни 5%. И истиот е скоро двојно поголем од растот, кој е проектиран на 2.9%. Ваквиот дефицит во апсолутни бројки е цели 680 милиони евра, тоа се пари кои не се обезбедуваат од приходи, туку со задолжување, кое во период на криза каква што имаме во светски рамки ќе биде се поскапо, односно каматата која ќе се плаќа ќе биде огромна.Можеме со сигурност да заклучиме дека ова ќе бидат 5.3 милијарди фрлени на непродуктивни трошоци, без никаков бенефит и без развојна компонента“, соопштија од партијата.
Буџетот за наредната 2023 година ќе тежи рекордни 5,3 милијарди евра а државата ќе собере 282 милијарди денари или 4,6 милијарди евра што значи дека останува дефицит од 42,75 милијарди денари или 700 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 2,9 отсто додека инфлацијата ќе биде 7,1 проценти а надворешниот долг не треба да го надмине прагот од 60 проценти. За капитални инвестиции Владата ќе одвои рекордни 800 милиони евра но тука е долгот од 1,5 милријарди евра - 700 милиони евра буџетски дефицит и 800 милиони евра доспеани долгови за кои не се знае како и со чии пари ќе се покријат.