Стејт департментот нуди награди до 5 милиони долари за информации за попречување на финансиските алатки на лицата вклучени во нелегални активности кои ги поддржуваат програмите за оружје на Северна Кореја, перење пари и специфичните сајбер операции.
Стејт департментот, исто така, планира да санкционира одредено лице кое ги избегнува санкциите на САД и Обединетите нации со тајно транспортирање гориво во Северна Кореја.
Напорите на САД да ги ограничат незаконските активности на Северна Кореја доаѓаат во услови на невидени ракетни истрели од Пјонгјанг и ескалација на нуклеарни закани.
Претходно во средата, војската на Јужна Кореја соопшти дека Северна Кореја истрелала три проектили во правец на јужнокорејска територија. Американските власти, исто така, изразија загриженост за ширењето на оружјето на Северна Кореја.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа Џон Кирби, во средата изјави дека САД имаат информации кои укажуваат дека Северна Кореја тајно ja снабдува Русија со „значителен“ број артилериски гранати за нејзината војна во Украина.
Во Пјонгјанг, севернокорејското Министерство за надворешни работи побара во понеделникот САД и Јужна Кореја да престанат со големи воени вежби, нарекувајќи ги провокација што може да повлече „помоќни последователни мерки“ од Пјонгјанг.
Дипломатски извор кој сака да остане анонимен, за Гласот на Америка изјави дека Јужна Кореја, заедно со САД, имаат „целосна способност“ да ја „избришат“ Северна Кореја од картата доколку Пјонгјанг започне напад врз Сеул.
Тој рече дека Јужна Кореја во моментов нема план да бара САД да го прераспоредат тактичкото нуклеарно оружје што Вашингтон го повлече од Сеул на почетокот на 1990-тите.
Програмата „Награди за правда“ ја спроведува дипломатската безбедносна служба на Стејт департментот.
Програмата платила повеќе од 250 милиони долари на повеќе од 125 луѓе кои дале информации кои помогнале да се решат заканите за националната безбедност на САД од 1984 година.