Државата планира да потроши 5,3 милијарди евра а да собере 4,5 милијарди евра приходи. Со кои и со чии пари ќе се покрие дупката од од 1,5 милијарди евра - 700 милиони евра буџетски дефицит и 800 милиони евра доспеани долгови. Инфлацијата проектирана на 7,1 проценти
СКОПЈЕ –Во 2023 година државата ќе потроши рекордни 324,8 милијарди денари или 5,3 милијарди евра а ќе собере 282 милијарди денари или 4,6 милијарди евра што значи дека останува дефиците од 42,75 милијарди денари ли 700 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 2,9 отсто додека инфлацијата ќе биде 7,1 проценти а надворешниот долг не треба да го надмине прагот од 60 проценти. Иако со слаба реализација, нови 200 милиони евра за капитални инвестиции кои сега тежат вкупно 800 милиони евра.
Ова се контурите на Буџетот за 2023 година кој Владата го усвои на денешната седница.
„Клучен предизвик е да се соочиме со ефектите од глобалната криза и инфлацијата, потоа да се одржи економскиот раст и да се извршат сите економски обврски на државата редовно и без исклучок. Притоа да се поддржат реформите и нашите евроинтеграциски процеси“, рече министерот Бесими.
Во 2023 година Владата ќе треба да најде 1,5 милијадри евра за да го покрие буџетскиот дефицит кој ќе изнеусва 700 милиони евра, но и за да се отплатат стари и веќе доспеани долгови. Овие средства ќе се бараат и на странскиот и на домашниот пазар. Затоа ќе се преговара со ММФ, Светска банка и со Европската комисија, а во игра останува и еврообрзницата.
„700 милиони евра е дефицитот што треба да се финансира и 800 милиони евра се стари обврски од кои 450 милиони евра се доспеани обврзници. Од 800 милиони евра, 600 милиони се надворешни и 200 милиони рефинансирање на домашниот пазар. Овие 1,5 милијарди евра треба да се обезбедат со домашно и странско задолжување“, објасни Бесими.
Зголемување на даноците нема да има но прашањето дали ќе се воведе прогресивен данок од 1 јануари се уште стои отворено бидејќи се водат разговори.
Повеќе пари ќе се соберат, според Бесими бидејќи проекциите покажуваат раст на економијата и цените како и успешна борба против сивата економија и многу подобра и поефикасна наплката на даноци.
„Нема да има зголемување на даночните стапки, нема да има нови даноци. Реформата се базира врз проширување на даночната база. Знам дека сакате одговор, дискутираме имаме различни размислувања таа јавна расправа беше за да ги слушнеме сите аргументи“, изјави Бесими.
Капиталните проекти оваа година ќе тежат 800 милиони евра, за 200 милиони евра повеќе од оваа година иако повеќе од 40 отсто не беа реализирани и потоа беа скратени со ребалансите на Буџетот. Овие 800 милиони евра ќе бидат наменети за изградба на пруги, гасовод, градинки, училишта и автопати.
„250 милиони евра се за Коридор 8. Железничкиот Коридор 8 е исто значаен износ а значаен износ од околу 90 милиони евра се за ЕСМ“, појасни Бесими.
Тој најави зголемување на платите на админситративците идната година и истовремено посочи дека нема да има нови вработувања и трошоци за службените патувања ќе бидат сведени на минимум.
Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ со критики дека станува збор за најгломазен буџет и дефицит кој е надвор од сите рамки на одржливост и опасност за економијата како и отсуство на план за справување со инфлацијата. Оттаму додаваат дека дефицитот ќе се покрива со нови заеми кои ќе бидат со повисоки камати.