Линкови за пристапност

Криза со млеко поради војната во Украина, млекара нуди и крави без пари


Криза со млеко поради војната во Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Бране Дамјаноски од струшкото село Мислешево, секое утро, млекото кое го добива од неколкуте крави кои ги одгледува го носи на откупен пункт.

Активно со овој бизнис се занимава од 2013 година, а на годишно ниво произведува околу 40 тони млеко. Вели три фактори се причина за актуелната криза.

„Земјоделецот, млекарите и државата. Земјоделецот е неорганизиран. Млекарите лакоми за да не` искористат до максимум, а државата не не` заштитила“, вели Дамјаноски.

Но, додека цените на овој производ во маркетите секојдневно растат, откупната цена за предадено млеко, која ја добиваат фармерите е премногу ниска. Сега изнесува само 28 денари.

„Од млекарите во 2021 година, кога се уништи голем дел од сточниот фонд, ние баравме 3-5 денари да ни ја зголемат откупната цена. Млекарите тогаш тоа не го направија, а нас ќе ни помогнеа да го сочуваме сточниот фонд. Кога дојде оваа криза и кога електричната енергија почна да поскапува, тие земаат од народот 40 денари по литар млеко. Затоа е оваа цена од 80 денари и повеќе“, вели тој.

Во една вака ситуација, се повеќе граѓани одлучуваат да купуваат млеко директно од нив.

Но, војната во Украина е причина млеко на пазарот да има се` помалку, вели професорот од Факултетот за земјоделство Сречко Ѓорѓиевски.

„Сега нема млеко на пазарот. Војната во Украина предизвика палминото масло кое доаѓа од Индонезија и кое се преработува за Европа во Украина да не може да се преработи. И сега за млечните производи фали масло. Автоматски се бара млечна маст. И сега побарувачката за млеко на светско ниво е огромна. И цените одат нагоре“, објаснува Ѓорѓиевски.

Прогнозите се дека кризата со млеко и храна ќе трае неколку години.

„Најмалку, според прогнозите на светските асоцијации од областа на млеко и на храна за животни, е дека најверојатно ќе трае до 2024 година. Би кажал ќе издржат само најсилните. Оние што имаат мала акумулација на капитал, нивните животни, или ќе завршат на колење, или некој друг ќе ги земе, што е помоќен и што може да издржи“, вели Ѓорѓиевски.

Дополнителен проблем е што за дури 80.000 грла е намален сточниот фонд со крупен добиток во земјава, како и бројот на ситни земјоделци, кои чуваат една до две крави.

„Една млекара дури нуди и без пари крави само да има млеко. Значи нешто се случува големо. А интерес никаков“, рече Дамјаноски.

Во меѓувреме трошоците растат, а домашното производство е раситнатo.

XS
SM
MD
LG