Линкови за пристапност

„Американската зелена карта“ можност за Македонците до американскиот сон


За многу македонски граѓани единствена можност да го живеат американскиот сон е програмата Лотарија за зелена карта на американскиот Стејт департмент. 55.000 имигрантски визи се расположливи во една лотариска година, почнувајќи од фискалната 1995 година. Агенциите кои на граѓаните им помагаат во аплицирањето, велат дека интересот е ист речиси секоја година. Целата процедура трае само 15 минути.

„Ние им нудиме како професионално студио, фотографирање и изработка на фотографијата според барањата на американската лотарија. Исто така за тие што сакаат и аплицираме за нив, за што добиваат потврда дека аплицирале и дека учествуваат, со која потврда во мај месец 2023 година ќе можат да си проверат дали се добитници на таа лотарија“, вели Маја Коваческа од фото студио во Охрид.

Минатите години доста од оние кои аплицирале, успеале да заминат за САД.

„Најчесто фамилии со мали деца, имаше и млади брачни парови кои добија и потоа дојдоа кај нас од кога веќе добија зелена карта да се фотографираат пред заминување“, додава таа.

Минатите години и многу студенти од охридскиот факултет за туризам заминаа за САД, преку програмата Working and Travel. Многу од нив и останале.

„Многу луѓе кои заминаа преку таквите проекти во Америка, добија визи за работа на одредено време, но за жал останаа таму нелегално, потоа тоа доведе до ситуација за неколку депортации, но повеќето се снајдоа и останаа во Америка“, вели Игор Пешевски од студентското собрание при факултетот за туризам во Охрид.

Пешевски објаснува дека сега многу атрактивни стануваат програмите за патување и работа во Европа, особено во Германија.

„Европските држави ги отворија границите за балканското население, посебно за луѓето од Македонија. Лошо е што ги користат европските проекти, заминуваат во Европа и повеќе не се враќаат дома“, додава тој.

„Секако дека не загрижува. Мислам дека ја загрижува и туристичката индустрија во државата, бидејќи се поголем број на млади луѓе заминуваат во странство. Причините се бројни. За тоа дел придонесе пандемијата но, има и објективни причини како што е ниската плата што ја издвојуваат нашите угостители, кратката сезона и лошите услови за работа“, вели Цветко Андреески, професор на факултетот за туризам во Охрид.

Од Република Северна Македонија, американската лотарија за 2022 година извлекла 293 граѓани. Од регионот има најмногу од Албанија, 2756. Само лани аплицирале повеќе од 13 милиони лица ширум светот. Досега од земјава на овој начин заминале неколку илјади граѓани. Нејзината предност, е во тоа што оние кои ќе ја добијат, ќе можат да живеат но и да работат слободно. После неколку години престој, можат да аплицираат за добивање и на американски пасош.

XS
SM
MD
LG