Линкови за пристапност

Случаите на туберкулоза се зголемуваат по пандемијата


Бројот на случаи на туберкулоза се зголеми од 2019 до 2021 година, со што се смени долгогодишниот напредок откако пандемијата го наруши пристапот до лекување и тестирање, соопшти Светската здравствена организација.

„За прв пат во речиси две децении, СЗО известува за зголемување на бројот на луѓе кои заболуваат од туберкулоза отпорна на лекови како и зголемување на смртните случаи поврзани со оваа болест“, рече Тереза Касаева, директорка на здравствената агенција на ОН.

Во извештајот на СЗО се наведува дека повеќе од 10 милиони луѓе заболеле од туберкулоза во 2021 година, што е зголемување за 4,5 отсто во однос на 2020 година. Најмногу случаи се пријавени во Индија, Индонезија, Мјанмар и Филипините.

Пандемијата „продолжува да има штетно влијание врз пристапот до дијагноза и третман“, соопшти СЗО. Ограничувањата со ковидот, како што се заклучувањата и физичкото растојание, резултираа со дијагностицирање на помалку луѓе и добивање на потребниот третман. Со помалку луѓе кои се дијагностицирани и третирани, повеќе пациенти несвесно ја пренесуваат болеста на други. Како резултат на тоа, повеќе од една деценија напредок беше изгубен, рече д-р Мел Шпигелман, претседател на непрофитната организација TБ Алиенс.

Туберкулозата е предизвикана од бактерии кои ги напаѓаат белите дробови. Болеста главно се шири преку воздухот и, по ковид-19, туберкулозата е најсмртоносната заразна болест во светот. Тоа првенствено ги погодува возрасните, особено оние кои се неухранети или имунокомпромитирани, во земјите во развој. Повеќе од 95 отсто од случаите се во земјите во развој.

Некои информации во овој извештај се од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс прес.

XS
SM
MD
LG