Украинскиот претседател Володимир Зеленски, стоејќи покрај она што изгледаше како соборено беспилотно летало, рече: „Агресорот Русија го продолжува својот терор. Повторно сме нападнати од небо“.
„Повеќе од 30 дронови беа лансирани за два дена“, рече претседателот.
„Бранителите на нашето небо ги спречија непријателските мршојадци да се пробијат во задниот дел на земјата и соборија 23 ирански беспилотни летала. Дополнително, два нападни хеликоптери Ка-52 и уште еден јуришен авион Су-25 беа претворени во старо железо.
Зеленски рече дека во овој временски период „Русија изврши 4.500 ракетни напади и повеќе од 8.000 воздушни напади. Но, ние се бориме, ќе собориме повеќе“.
Засега не е јасно дали има жртви.
Британското Министерство за одбрана во петокот даде извештај за руските капацитети во Украина. Во извештајот објавен на Твитер, Министерството рече дека некои руски единици во Украина се екипирани со мобилизирани резервисти и дека единиците се со недоволнен број на персонал.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, во четвртокот изјави дека инспекторите треба да пристигнат и да ја почнат својата истрага во два објекти за кои Русија тврди дека пренасочуваат нуклеарен материјал за да направат „валкана бомба“.
„Имав многу сеопфатна дискусија со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба за ова“, им рече Гроси на новинарите во Обединетите нации во Њујорк. „Тој дојде до заклучок, а јас се согласив, дека најдобар начин да се отфрли секој сомнеж е да се дозволи влез на инспекторите.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.