Линкови за пристапност

Договорот со Фронтекс на македонски јазик: за власта успех, за опозицијата нормална работа


Реакции по посетата на фон дер Лајен во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:05 0:00

Реакции по посетата на фон дер Лајен во Скопје

„Договорот со Фронтекс што го потпишуваме денес е важен. Не само поради тоа што ја зајакнува нашата соработка во полето на миграција. Туку поради тоа што е преведен на македонски јазик. На исто рамниште со сите 24 јазици на ЕУ“ – оваа твитер објава на Урсула фон дер Лајен предизвика остри реакции во Бугарија, особено во националистичките кругови.

„Срамното предавство на ГЕРБ, „Продолжуваме со промените“, ДПС и Демократска Бугарија ја легитимира лагата „македонски јазик“ - напиша на Фејсбук, бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски. Човекот познат по екстремно националистичките ставови кои често, освен негација на македонскиот идентитет содржат и територијални претензии, потпишувањето на Фронтекс договорот и на македонски јазик го нарече „срам и гостење на сметка на бугарската чест и достоинство“.

Чинот на потпишување на договорот за Фронтекс, прв документ со ЕУ во кој јазикот се именува како „македонски“, пак ги скара мнозинството и опозицијата во собранието.

„Овој договор за Фронтекс потпишан од владата со чист македонски јазик. Чист, без додавки и фусноти....“, изјави Јован Митрески од СДСМ.

„Нормално е дека од првата спогодба меѓу РМ и ЕЗ во 1996 па до денес се што потпишала Македонија е на македонски јазик. Или можеби овие новиве, како ги нарековте, пратеници ли предавници, говорат на некој нов македонски јазик. Ако вие имате некој друг чист македонски јазик, поинаков од оној кој го зборуваме, искрено ве жалам.“ изјави Никола Мицевски, ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонскиот јазик ќе бил дијалект на бугарскиот. Тоа велевте во оваа сала. Прогласувате предавници и патриоти. Затоа излегов за да констатирам чист македонски јазик, без фусноти, без додавки, јазик на македонскиот народ – еднаков јазик со сите јазици на ЕУ.“, изјави Јован Митрески од СДСМ.

Освен за тоа дали вчера потпишаниот договор, во присуство на врвот на Европската комисија, е успех или не, власта и опозицијата не наоѓаат заеднички јазик ниту за најавените уставни измени за вклучување на Бугарите - неопходни за продолжување во натамошните фази од преговорите со ЕУ.

„Ако мислат дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи овие уставни измени под овие услови и овие околности, тогаш еве јавно кажувам дека тоа нема да се случи. Ние имаме јасна позиција – нема да поддржиме уставни измени под овие услови.“, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG