30 милиони евра тежи имотот кој актуелните функционери од СДСМ и ДУИ не го пријавиле кај Антикорупциската комисија. Најголемата опозициска партија денеска соопшти дека ја има деталната листа со имиња и презимиња на функционерите која ќе почне да ја објавува од утре. Од Антикорупциската комисија велат дека функционерите се должни сами да ги пријават промените и дека вршат проверки на доставените податоциколку што им дозволуваат капацитетите кои се оскудни
СКОПЈЕ – Опозициската ВМРО – ДПМНЕ има докази за 123 актуелни функционери кои сокриле станови, куќи, деловни простори, викендици, удели во фирми и не ги пријавиле во Антикорупциската комисија. Имотите тежат околу 30 милиони евра и гласат на имиња на функционерите и на нивни блиски роднини а според ВМРО – ДПМНЕ станува збор за лица од СДСМ и ДУИ кои се именувани од Владата на функции како претседатели на Комисии, директори, раководни луѓе на државни институции.
„ Новата афера Тајни имоти, е уште еден показател како власта функционира надвор од законите, заштитувајќи ги прекршителите на истите, кои во овој случај се избрани и именувани функционери, а чија обврска е да служат на граѓаните на Македонија.Не веруваме дека се работи за системски пропуст, туку за системско прикривање на станови, куќи, деловни простори, удели во фирми и депозити. Сметаме дека се работи за ново злосторничко здружување и организирано криење на имоти“, изјави Бране Петрушевски, пратеник ВМРО – ДПМНЕ.
Според првичните информации меѓу имињата со кои располага ВМРО – ДПМНЕ нема пратеник во Собранието или пак министер во Владата.
Од ВМРО – ДПМНЕ соопштија дека даваат рок од 24 часа функционерите сами до го пријават имотот и институциите на системот да реагираат и интервенираат или во спротивно тие ќе ги објават во јавноста со име и презиме. Најавија дека очекуваат проверка на потеклото на имотот на овие функционери и одговорност која ја предвидуваат законските норми поради прикривање на имотната состојба.
„ ВМРО-ДПМНЕ направи длабинска анализа и ги имаме сите со име и презиме. Во рок од 24 часа ВМРО-ДПМНЕ ќе почне да ги објавува точните податоци со имиња и презимиња. Откако ќе ги објавиме ќе побараме и проверка на потеклото на имот, зошто тајниот имот е таен поради одредени причини, а најголемата е дека истиот би можел да е нелегално стекнат. Антикорупциската комисија е должна да води точна прецизна и навремена евиденција за поднесување на анкетните листови од страна на функционерите, кои имаат обврска во рок од 30 дена од нивното именување да поднесат анкетни листови. Треба да се постави и прашањето зошто антикорупциската постои ако точно 123 лица функционери го кријат својот имот “; рече Петрушевски
Токму законот за потекло на имот како и софтверот за електорнско поврзување со сите државни институции е она кое што го бара Антикорупциската комисија за да може да има далеку поголем капацитет при проверките на имотот. Оттаму додаваат дека функционерите се должни сами да ги пријват промените во имотната состојба а тие пак вршат проверки согласно годишен план, дојави, допрен глас и конкретни пријави.
„ Функционерите по закон само го пополнуваат анкетниот лист и го доставуваат до ДКСК. Улогата на ДКСК е да провери дали податоците во анкетниот лист се соодветни со оние во институциите како Катастар, УЈП, Централен регистар, МВР. Во конкретниот случај дали тие ги имаат внесено информациите во анкетниот лист или ако не ги внеле дали се на нивно име во Катастарот. Ако не се на нивно име во Катастарот а се нивни имоти на чие име се тогаш тие имот. Затоа ја потенцирам улогата и важноста кончено да се донесе Законто за потекло на имот“, изјави Билјана Ивановска претседател на Антикорупциската комисија.
Од СДСМ пак ги повикаа политичките опоненти сите инофрмации да ги достават до Антикорупциската комисија.
„Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е синоним за криминал и незаконски стекнат имот врз грбот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ги крадела граѓаните, трупала имот, луксуз и пари на незаконски, криминален начин, додека граѓаните тонеа во сиромаштија и долгови. Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот и сториле некаков прекршок, тие треба да ги достават до надлежната институција а тоа е ДКСК, за понатамошно постапување“, соопштија од владеачката СДСМ.
Според законот казната доколку функционер не пријави имот кој го поседува изнесува 300 евра но доколку ги плати во рок од 7 дена криењето на имотот ќе го чини 150 евра.