Линкови за пристапност

23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба


Идејата за независна држава ги доби контурите во куќа во Солун каде на денешен ден беше формирана Македонската револуционерна организација (МРО). Организацијата растеше и ги менуваше имињата во ТМОРО и во ВМОРО, мина низ братоубиствен предиод, превирања и предавства но целта остана иста. Преку Илиден и АСНОМ, сонот на основачите се оствари на 8 септември 1991 година кога Македонија прогласи независност


СКОПЈЕ – Пред 129 години, 23 октомври 1893 година во Солун во домот на книжарот Иван Хаџи Николов ќе се одржи состанок на кој ќе присуствуваат докторот Христо Татарчев и учителите Христо Батанџиев, Петар Поп Арсов, Андон Димитров и Дамјан Груев и таа вечер ќе ја формираат Македонската револуционерна организација (МРО). Во неколку месеци подоцна, во 1984 година ќе се усвои и Уставот на Организацијата а потоа ќе се формира и Централниот Комитет чиј прв претседател ќе биде докторот Татарчев. Истата година на МРО ќе се приклучат Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Во 1896 година, на Солунскиот Конгрес, МРО ќе го смени името во ТМОРО – Тајна македонско одринска револуционерна организација и ќе биде усвоена нова стратегија на дејствување која ќе резултира со кревање на Илинденското востание. На Рилскиот конгрес во 1905 година Организацијата повторно ќе го смени името во ВМОРО – Внатрешно македонско – одриска револуционера организација.

Периодот до Втората светска војна е исполнет со предавства, превирања и борба за превласт во револуционерната Организацијата кои ќе резултираат со крвава братоубиствена војна исполнета со заседи и атентати.

Сонот на основачите конечно ќе се исполни на 8 септември 1991 година кога Македонија и официјално ќе прогласи независност и ќе стане автономна држава.

Државно политичкиот врв испрати честитки до граѓаните по подов државниот празник.

Претседателот Стево Пендаровски во својата честитка нагласи дека нашата генерација минува низ период на длабоки глобални предизвици ќе се справиме преку помирување и сплотување и градење на државата во земја во која ќе владее правото, а младите достоинствено ќе живеат.

„ На овој ден се потсетуваме на храбрите млади луѓе кои, не можејќи да се помират со тешката состојба на обесправениот македонски народ, во 1893-та година ја формираа Македонската револуционерна организација. Таа храбра визија што ги поврза Илинден 1903 и АСНОМ 1944, конечно се реализираше на 8 септември 1991 година во независната македонска држава. Нашата генерација минува низ период на длабоки глобални предизвици и голема неизвесност. За успешно да се справуваме со овие предизвици треба да се помириме и сплотени околу заедничката цел секојдневно и посветено да ја градиме Република Северна Македонија како напредна европска држава со развиена демократска култура, одржлива економија и транспарентни институции. Како земја во која ќе владее правото а неправдата е санкционирана, во која младите генерации ќе можат достоинствено да живеат со еднакви можности за напредок“, стои во честитката на претседателот Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски пак истакна дека учиме од историјата и чекориме храбро кон иднината.

„ Без македонските револуционери, нивната прогресивност, нивната силна желба за слобода и правда, незамислив е континуитетот на ослободителната борба и вековниот идеал за независна македонска држава. Нивната храброст и одлучност е мотив ние денес гордо и достоинствено, обединети и со забрзан чекор да ги остваруваме државните цели”, порача премиерот Ковачевски.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски во честитката до граѓаните истакна дека борбата за Македонија сеуште трае.

„ Денот кога е формирана македонската револуционерна организација, подоцна ВМРО, која е константа на борбата на македонскиот народ за слобода и независност на Македонија. Ако во една реченица треба да се опише таа херојска епопеја на подеми и падови, неспорно е да се каже дека денес славиме 129 години ВМРО, борба за Македонија која трае“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

По повод државниот празник Ден на револуционерната борба владина делегација предводена од заменик министерот за финансии Филип Николоски заедно со Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

XS
SM
MD
LG