Белата куќа соопшти дека иранските трупи се „директно ангажирани на теренот“ на Крим, поддржувајќи ги руските напади со беспилотни летала врз електричните централи и друга клучна инфраструктура во Украина, тврдејќи дека има загрижувачки докази за продлабочувањето на улогата на Техеран во војната во Украина, објави АП.
Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби, изјави дека Иран испратил „релативно мал број“ персонал на Крим, дел од Украина унилатерално анектиран од Русија, во спротивност со меѓународното право во 2014 година, за да им помогне на руските трупи да лансираат беспилотни летала од Иран против Украина.
Според британската влада, членовите на огранокот на иранската револуционерна гарда биле испратени да им помогнат на руските сили во користењето на беспилотните летала.
Ова се случува во време кога администрацијата на Бајден се обидува да изврши меѓународен притисок врз Техеран да се повлече од помагањето на Русија додека бомбардира украински цивилни цели со помош на беспилотни летала од Иран.
Русите во последниве денови се повеќе се свртуваат кон беспилотните летала испорачани од Иран, како и крстосувачки ракети, за да извршат низа напади врз украинската инфраструктура и невоени цели.
Претседателот Володимир Зеленски оваа недела рече дека руските сили уништиле 30 отсто од електраните во Украина од 10 октомври.