Линкови за пристапност

Харков и Запорожје денес повторно цел на руската армија


Украинските градови Харков и Запорожје денес беа погодени од серија експлозии, јави Ројтерс.

Британското Министерство за одбрана, пак, денес соопшти дека тврдењето на белорускиот претседател Александар Лукашенко на почетокот на овој месец дека илјадници војници од неговата земја и Русија ќе формираат нова група на сили веројатно нема да се оствари.

Лукашенко рече дека 70.000 белоруски војници и дури 15.000 Руси ќе сочинуваат нова руско-белоруска група на безбедносни сили.

Британското министерство објави на Твитер дека и покрај видеото што белоруските власти го објавија за да го покажат пристигнувањето на руските војници во Белорусија, „не е веројатно дека Русија всушност распоредила значителен број дополнителни војници во Белорусија“.

„Русија веројатно нема да може да генерира борбено подготвени формации со наведената големина: нејзините сили се ангажирани во Украина. Белоруската војска, пак, многу веројатно одржува минимална способност за преземање сложени операции“, стои во соопштението.

Министерството рече дека објавата на здружените сили на Русија и Белорусија е „веројатно обид да се демонстрира руско-белоруска солидарност и да се убеди Украина да ги пренасочи силите да ја чуваат северната граница“.

Во меѓувреме, иранскиот воен персонал е „на теренот“ во Украина, помагајќи ѝ на руската војска со операции со беспилотни летала кои ја тероризираат земјата и целат енергетски објекти, соопшти Пентагон вчера.

„Нашето разбирање е дека тие ирански сили се на теренот на Крим и му помагаат на рускиот воен персонал додека ги спроведуваат овие операции со беспилотни летала во Украина“, изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, бригадниот генерал Пат Рајдер.

На прашањето дали Русија негира дека користи беспилотни летала произведени од Иран, Рајдер одговори: „Очигледно е дека лажат“. Русија го зазеде полуостровот Крим во 2014 година. Оттогаш, таа повторно ги отвори старите советски бази и обучуваше војници таму.

Тој додаде дека Русија се обратила кон земји како Иран и Северна Кореја за дополнителна муниција и оружје, бидејќи нејзините резерви на оружје, вклучително и муниција со прецизно наведување, „се исцрпуваат“.

Тој го повика Иран дека „извезува терор, не само во регионот на Блискиот Исток, туку сега и во Украина“.

Заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана го осуди однесувањето на Иран и го повика Техеран да престане со учеството во руската инвазија.

„Ниту една земја не треба да поддржува на кој било начин овој вид варварска војна“, рече Џоана за време на виртуелниот настан одржан од Германскиот Маршалов фонд на Соединетите држави.

Исто така во четвртокот, портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, ги обвини иранските беспилотни летала лансирани од Крим за неодамнешните напади врз украинскиот главен град Киев.

„Русија досега има добиено десетици беспилотни летала и најверојатно ќе продолжи да добива дополнителни пратки во иднина“, рече Кирби.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот вечерта ја обвини Русија дека се подготвува да ја разнесе хидроцентралата во регионот Керсон - област незаконски анектирана од Русија.

Помошникот на Зеленски, Михаило Подољак, рече дека Русија ја ископува браната Каховка и трансформаторите во електраната, според агенцијата Франс прес. Уништувањето на браната ќе ја поплави реката Днепар и ќе го запре напредувањето на украинските трупи.

Некои информации се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG