Линкови за пристапност

Рестрикции во Украина за употребата на електрична енергија


Украина во четврток ја ограничи употребата на електрична енергија како одговор на руските напади кои оштетија делови од електричната инфраструктура на земјата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето обраќање доцна во средата ги повика луѓето да штедат енергија.

Тој рече дека владата работи на создавање „мобилни точки за снабдување со електрична енергија за критичната инфраструктура“.

Операторот на електричната мрежа на Украина рече дека ограничувањата за снабдување ќе бидат во сила од 7 часот наутро до 23 часот, и дека како што се приближуваат постудените месеци, можеби ќе треба да преземе такви чекори повторно во иднина.

Во меѓувреме, доцна вчера во Советот за безбедност на ОН, на барање на Соединетите Држави, Велика Британија и Франција се разговараше за руското користиње на беспилотни летала од Иран во Украина.

Вашингтон, Лондон и Париз велат дека снабдувањето од страна на Техеран кон Русија со овие беспилотни летала е кршење на Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН, која дозволува трансфер на ограничени предмети до или од Иран само кога е одобрено од случај до случај. Такво одобрение не е побарано.

„Имавме многу јасна индикација дека беспилотните летала се испорачани од Иран во Русија и тие се користени во Украина“, изјави францускиот амбасадор Николас де Ривиер на новинарите додека го напушташе состанокот. „Ова е кршење на резолуцијата 2231“.

„Очекуваме дека ова ќе биде прв од многуте разговори во ОН за тоа како да се повикаат на одговорност Иран и Русија за неисполнување на обврските наметнати од Советот за безбедност на ОН“, рече Нејт Еванс, портпарол на мисијата на САД во Обединетите нации.

Украинските власти рекоа дека беспилотните летала користени во брановите напади во текот на изминатата недела, вклучително и врз главниот град Киев, биле нападни беспилотни летала Шахед-136 од Иран, кои Русија ги користела за носење експлозиви и паѓање во нивните цели.

Иранскиот амбасадор во ОН им рече на новинарите дека неговата влада категорично ги отфрла „неоснованите тврдења“, за кои рече дека се дел од кампањата за дезинформација против неговата влада.

„Разочарувачки е ваквата политичка агенда, овие држави се обидуваат да започнат кампања за дезинформации против Иран и да направат погрешно толкување на Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност со цел погрешно да се воспостави врска помеѓу нивните неосновани обвинувања против Иран со оваа резолуција“, - изјави Амир Саид Иравани.

Заменик-претставникот на Русија во ОН изјави за новинарите дека наводите се „неосновани“ и дека немало трансфер на оружје што ја прекршува резолуцијата и дека иранските беспилотни летала не биле испорачани на Русија за употреба во Украина.

„Би препорачал да не ги потценувате технолошките способности на руската индустрија за беспилотни летала“, рече Дмитриј Полјански. „Можам да ви кажам дека знаеме што правиме и знаеме како да го направиме тоа“.

Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека само во изминатата недела, повеќе од 100 беспилотни летала од иранско производство удриле во електрани, пречистителни станици, станбени згради, мостови и други цели во урбаните области.

Некои информации се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG