Линкови за пристапност

До каде е реформата во разнунавачките служби?


До каде е реформата за разузнавачките служби?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

Неколкугодишниот процес на реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем, инициран по аферата со масовното незаконско прислушување, резултираше со сериозни промени, но има простор за натамошни подобрувања. Со ова се согласувааат и од власта и од опозицијата и од разузнавачкиот и од граѓанскиот сектор. Реформата досега меѓу другото резултираше со поделба на надлежностите кои ги имаше некогашната семоќна УБК и нејзина трансформација во две одвоени институции – Оперативно-техничката агенција и Агенцијата за национална безбедност, едната може само да ги пресретнува електронските комуникации, а другата ги добива тие комуникации. Она што се уште не профункционира е контролата врз тоа колку законски работат овие две организации, клучни во системот на безбедност.

„Имаме еден дел од законското решение кое што до крај не профункционира, а тоа е граѓанскиот надзор и контрола. И, мислам дека тука треба да се насочи сиот капацитет на институциите за да можеме граѓанскиот надзор и контрола да го ставиме максимално во функција. На тој начин мислам дека ќе ја зајакнеме и довербата кај граѓаните во безбедносните служби“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Ние како институција сме отворени“ – вели првиот човек на АНБ, аргументуирајќи дека во трите години од формирањето се одржале 15 средби со собраниските комисии кои имаат надлежност да ја контролираат АНБ.

„Сакам да ја истакнам нашата целосна отвореност кон контрола. Друго е прашањето дали во работењето на комисиите за надзор има проблем во работењето. Од наша страна нема никакви проблеми“, рече директорот на агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски.

Дел од министрите, чии ресори имаат разузнавачки и безбедносни капацитети, со доза на самокритика, потврдуваат дека има потреба од натамошно подобрување на контролата, но и влијанието врз овие служби.

„Во Министерството во рамките на основните закони се разбира пропишани се некои правила коишто јас не ги сметам за доволни. Затоа што ако сакаме да го постигнеме она што беше суштината на почетокот на оваа реформа, тоа е намалување на политичкото влијание врз работата на овие служби“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Надлежните, барем во јавните изјави, покажуваат дека се свесни за потребата од заокружување на реформите што треба да придонесе и за враќање на довербата на граѓаните во системот која беше изгубена со обелоденувањето на масовното прислушување.

„Само реформирани институции кои имаат мандат да вршат надзор и контрола можат да придонесат значително во обезбедувањето на демократската транзиција и враќањето на довербата на граѓаните, пред се во државата и нејзините институции“, рече претседателот на собранието Талат Џафери.

И Европската унија очекува Северна Македонија да ги динамизира напорите за финиширање на реформите во овој сектор. Брисел објаснува дека почетокот на преговорите носи дополнителни барања кои се поврзани со заштитата на човековите права и слободи и затоа работата и отчетот на разузнавачката заедница мора да биде во согласност со очекуваните стандарди.

XS
SM
MD
LG