Линкови за пристапност

Путин прогласи воена состојба во четирите анектирани украински региони


Рускиот претседател не ги наведе чекорите што ќе се преземат според воената состојба, но рече дека неговата наредба стапува во сила од утре
Рускиот претседател не ги наведе чекорите што ќе се преземат според воената состојба, но рече дека неговата наредба стапува во сила од утре

Рускиот претседател Владимир Путин денес прогласи воена состојба во четирите региони на Украина кои Москва ги анектираше и им даде дополнителни овластувања за итни случаи на шефовите на сите региони на Русија, објави Асошиетед прес.

Путин веднаш не ги наведе чекорите што ќе се преземат според воената состојба, но рече дека неговата наредба стапува во сила од утре.

Неговиот декрет им дава рок на агенциите за спроведување на законот да поднесат конкретни предлози и наредби за создавање сили за територијална одбрана во четирите припоени региони.

„Работиме на решавање на многу тешки задачи од големи размери за да ја обезбедиме безбедноста и безбедната иднина на Русија, да го заштитиме нашиот народ“, рече Путин во телевизиската изјава на почетокот на состанокот на Советот за безбедност.

„Оние кои се на фронтот или се на обука на полигони и центри за обука треба да ја почувствуваат нашата поддршка и да знаат дека зад грб ја имаат нашата голема, голема земја и обединети луѓе“, рече Путин.

Воената состојба може да вклучи ограничувања на патувањата и јавните собири, построга цензура и пошироко овластување за агенциите за спроведување на законот.

Путин, исто така, не даде детали за дополнителните овластувања што ќе ги имаат шефовите на руските региони според неговиот указ.

Како сигнал дека неговите потези би можеле да имаат широки ограничувања за луѓето кои живеат во Русија, во неговиот декрет се наведува дека мерките предвидени со воена состојба може да се воведат во Русија.

Рускиот лидер, исто така, нареди формирање на Комитет за координација за зголемување на интеракциите меѓу владините агенции во справувањето со борбите во Украина, кои тој продолжи да ги нарекува „специјална воена операција“.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, рече дека наредбата на Путин не предвидува затворање на границите на Русија, објави државната новинска агенција РИА-Новости.

XS
SM
MD
LG