Линкови за пристапност

САД, Франција и Велика Британија побараа состанок на Советот за безбедност на ОН за иранските дронови


Иран демантираше дека испорачувал беспилотни летала на Русија, а руските власти негираа дека ги користеле
Иран демантираше дека испорачувал беспилотни летала на Русија, а руските власти негираа дека ги користеле

САД, Велика Британија и Франција побараа Советот за безбедност на ОН да разговара за прашањето Русија да користи ирански беспилотни летала во војната во Украина.

Дипломатите рекоа дека бараат официјален претставник на ОН да го информира Советот за време на состанокот зад затворени врати денес.

Украинските власти рекоа дека беспилотните летала користени во нападите изминатата недела, вклучително и врз главниот град на Украина, Киев, биле беспилотни летала Шахед-136 од Иран, кои Русија ги користела за носење експлозиви.

Иран демантираше дека испорачувал беспилотни летала на Русија, а руските власти негираа дека ги користеле.

Естонскиот министер за одбрана изјави дека очекува уште напади со беспилотни летала врз „многу градови во Украина“.

Украинските власти во последните денови ги повторија своите повици до сојузниците да обезбедат поголема помош за противвоздушна одбрана.

Украинското министерство за надворешни работи соопшти дека само во изминатата недела, повеќе од 100 беспилотни летала од иранско производство удриле во електрани, пречистителни станици, станбени згради, мостови и други цели во урбаните области.

Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, денес рече дека Русија „се обидува да ги исплаши жителите на Херсон со лажни пораки за гранатирањето на градот од нашата армија и исто така организира пропагандно шоу со евакуација“.

Новиот руски командант во Украина Сергеј Суровикин, изјави за државниот телевизиски канал Росија 24, дека Русија планира да евакуира цивили пред украинската офанзива за враќање на Херсон, еден од четирите региони под руска контрола.

Тој рече дека ситуацијата во Херсон била „многу тешка“ бидејќи украинските сили водат офанзива за повторно преземање на јужните и источните области, кои Москва незаконски ги анектираше минатиот месец.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, агенцијата Франс - прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG