Линкови за пристапност

Иранската спортистка која се натпреваруваше без хиџаб се врати во Техеран


Се вратив во Иран со мирен ум иако имав многу напнатост и стрес, но досега, фала богу, ништо не се случи, рече таа по пристигнувањето во Иран
Се вратив во Иран со мирен ум иако имав многу напнатост и стрес, но досега, фала богу, ништо не се случи, рече таа по пристигнувањето во Иран

Еланаз Рекаби, која се натпреваруваше на азискиот шампионат во качување по карпи во Јужна Кореја без хиџаб утрово пристигна во Техеран, каде беше пречекана од многу поддржувачи и обожаватели, поради загриженоста дека ќе биде уапсена.

Рекаби учествуваше на азиското првенство на Меѓународната федерација за спортско качување во Сеул со врзана коса во опавче, наместо со хиџаб.

Штом пристигна во Иран, таа се појави пред камерите на две владини новински агенции, велејќи им дека натпреварувањето без хиџаб „било сосема случајно“.

„Бидејќи бев зафатена да ги облечам моите чевли и опремата, заборавив да ставам хиџаб и потоа отидов да се натпреварувам“, рече таа.

Во одговор на друго прашање за реакциите на нејзиното појавување на натпреварите без хиџаб, Рекаби рече:

„Се вратив во Иран со мирен ум иако имав многу напнатост и стрес. Но, досега, фала богу, ништо не се случи“.

По натпреварот во неделата, беше објавено дека пријателите на Рекаби не можеле да контактираат со неа и имало загриженост за нејзината безбедност.

Рекаби, која се натпреваруваше без хиџаб, дојде во време на протести во Иран кои продолжуваат по смртта на 22-годишната Махса Амини, која беше приведена од иранската полиција за морал поради кршење на кодексот на облекување на земјата.

Рекаби заврши на четвртото место во натпреварувањето во неделата. Во 2021 година, таа го освои бронзениот медал во женска комбинација на Светското првенство во качување по карпи.

Меѓународната федерација за спортско качување вчера соопшти дека е во контакт со Рекаби и „се обидува да ги утврди фактите“.

Федерацијата, исто така, соопшти дека ќе продолжи да ја следи состојбата на Рекаби по нејзиното пристигнување во Иран.

„Безбедноста на спортистите е најважна за нас и ги поддржуваме сите напори да се задржи ценет член на нашата заедница безбеден во оваа ситуација“, велат од Федерацијата.

XS
SM
MD
LG