Линкови за пристапност

Зеленски: Непријателот може да ги нападне нашите градови, но нема да не` скрши


Повеќе дронови „камикази“ утрово го нападнаа главниот град на Украина, една недела откако руските ракетни напади го прекинаа периодот на релативна смиреност во Киев.

Украинските власти соопштија дека беспилотните летала се дронови Шахед од иранско производство, кои Русија ги користела за извршување на таканаречените камикази напади во кои дронот намерно се удира во целта.

„Цела ноќ и цело утро, непријателот го тероризира цивилното население“, изјави претседателот Володимир Зеленски за Телеграм. „Камикази беспилотни летала и проектили ја напаѓаат цела Украина. Непријателот може да ги нападне нашите градови, но нема да може да не скрши“, рече Зеленски.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека меѓу погодените области е централниот кварт Шевченко, истата област која беше нападната минатата недела како дел од воздушните напади низ целата земја.

Тој рече дека спасувачките екипи извлекле 18 лица од урнатините на станбена зграда а дека двајца други се заробени.

Официјален претставник на канцеларијата на Зеленски изјави дека три лица се убиени во една од станбените згради погодена од дрон во понеделникот.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека побарал од Советот за надворешни работи на Европската унија воздушна одбрана и снабдување со муниција, а исто така ја повикал ЕУ да го санкционира Иран „за тоа што на Русија и дал дронови“.

Амбасадата на САД во Киев ги нарече нападите во понеделникот врз цивилите „очајни и за осуда“.

„Се восхитуваме на силата и издржливоста на украинскиот народ. Ќе бидеме со вас онолку долго колку што е потребно“, објави амбасадата на Твитер.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека нападите биле како одмазда за нападот на клучниот мост што го поврзува Крим со Русија.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG