Линкови за пристапност

Македонската иновација за спречување пожар во литиумските батерии презентирана во Вашингтон


Косопственичката на ВЕДА Искра Михајловска на презентацијата во Центарот за конвенции во Вашингтон
(Фото: ВЕДА)
Косопственичката на ВЕДА Искра Михајловска на презентацијата во Центарот за конвенции во Вашингтон (Фото: ВЕДА)

Скопската компанија ВЕДА победи на меѓународен натпревар за иновации во областа на струја и енергија, поддржан од Одделот за одбрана на САД

Над 30.000 посетители на најголемиот годишен настан на Армијата на САД во Вашингтон оваа недела, можеа да слушнат и за новата технологија на македонската компанија ВЕДА, која летово доби прва награда на светски натпревар поддржан од Пентагон за решение кое спречува литиумските батерии да се запалат.

Иновацијата, која може да помогне да се спасат опремата и војниците од пожар, е на Борис Јанковски, чија компанија работи на истражување и развој на нови технологии 31 година.

Неговото најново решение за гасење пожар нуди систем на двостепена заштита на литиумските батерии, кои лесно се палат од надворешно прегревање, прегревање при полнење, при брзо празнење, удар и слично.

Тоа практично значи дека ако дојде до пожар на литиумската батерија, на пример, во армиско возило, овој производ ќе може да спречи возилото целосно да изгори.

Неговите карактеристики ги објаснуваа косопственичките на компанијата Искра Михајловска и Калина Сејфула, на македонскиот штанд во делот за иноватори во Центарот за конвенции во Вашингтон.

Заедно со македонската нова технологија беа изложени уште над 600 други технолошки решенија од преку 80 држави, за развој и надградба на американската Армија.

Косопственичката на ВЕДА Искра Михајловска
Косопственичката на ВЕДА Искра Михајловска

„Интересот е повеќе од тоа што очекувавме. Големи компании доаѓаа со прашања по неколку пати на ден. Сите овие контакти што ги направивме ќе се обидеме да ги валоризираме. Како компанија што се занимава со развој и иновација проблем е што немаме производство. Тоа е предизвик што ќе треба да го решиме. Дали производството ќе го направиме тука по понуда на некој од тие што не` посетија или ќе го задржиме во Македонија, ќе зависи од периодот и како се` ќе се случува“, вели Михајловска.

Таа рече дека интересен за јавноста во Америка бил и оригиналниот производ на компанијата, кој помага да се гасат пожари во простории каде има луѓе.

Тој е направен според истата технологија како и првонагараденото решение, кое во август победи на меѓународниот натпревар за иновации во областа на струја и енергија, организиран од американскиот акцелератор „ексТекИнтернешнл“ (xTechInternational), поддржан од Одделот за одбрана на САД.

„Сега најголем приоритет и предизвик ќе биде поставувањето на производството. Сите иновативни технологии се ризични технологии за инвестирање. Се надевам дека ќе успееме да најдеме разбирање и инвеститор да го направиме тоа“, рече Михајловска.

ВЕДА е компанија за истражување и развој од Скопје. Компанијата постои од 1991 година, и се состои од тим на инженери со над 40 години експертиза во машинството, со посебен фокус на иновациите кои ја подобруваат ефикасноста на постоечките технологии.

Презентација на ВЕДА во Вашингтон
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:57 0:00

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG