Линкови за пристапност

Честит 11 Октомври - Ден на народното востание


Првите истрели кон зградата на участокот во Прилеп го означуваат и почетокот на народното востание, борба која ќе трае речиси четири години и борба во која илјадници мажи и жени ќе ја платат највисоката цена за остварување на конечната цел
Првите истрели кон зградата на участокот во Прилеп го означуваат и почетокот на народното востание, борба која ќе трае речиси четири години и борба во која илјадници мажи и жени ќе ја платат највисоката цена за остварување на конечната цел

Во 1941 година застанавме на вистинската страна и мора да продолжиме по патот е пораката која ја испрати државно политичкиот врв и партиите по повод националниот празник - Ден на народното востание

КУМАНОВО - Ноќта меѓу 11 и 12 октомври во Прилеп, под закрилата на теминината, 16 партизани од одредот „Гоце Делчев“ вооружени со пушки и рачни бомби ја напаѓаат полициската станица - „участокот“ во која се сместени бугарските окупаторски војски , ги сечат телефонски линии и го напаѓаат затворот. Првите истрели кон зградата на участокот го означуваат и почетокот на народното востание, борба која ќе трае речиси четири години и борба во која илјадници мажи и жени ќе ја платат највисоката цена за остварување на конечната цел, ослободување од окупацијата и создавање на македонска држава.

Владината прослава на државниот празник под мотото „Секогаш на вистинската страна“ се одржа во Куманово, Прилеп и во Скопје.

Централната манифестација оваа година беше во Спомен -коструницата во Куманово каде се обрати премиерот Димитар Ковачевски. Во своето обраќање тој потенцираше дека партизаните во 1941 година ја избрале вистинската страна и дека мора да се продолжи по патот кој илинденците и тие го трасираа.

„ Изборот на нашите претходници покажува дека - да се биде на вистинската страна, значи да се избере патот на мирот и напредокот. И денес, повторно, нашата денешна битка е токму таква - да продолжиме по патот на мирот и прогресот, без да дозволиме кој било, што било и било кога да ни го попречи овој пат. Таков е заветот, таков е најсветлиот аманет изграден и оставен од нашите предци, кои секогаш и одлучно, ја избирале вистинската страна. Затоа, за секој кој го почитува македонското минато и си ја сака родната земја, ова е патоказот и во одлуките денес и утре. И засекогаш, во сите времиња“, кажа премиерот Ковачевски од бината пред Спомен костурницата.

Тој нагласи дека вистинската страна во моментов е патот на мирот и напредокот. Повика на единство во државата и продолжување на патот кон полноправно членство во Европската унија- една од стратешките цели на Владите во минатото. Побара од опозицијата да не ги блокира законите во Парламентот а се осврна и на провокациите кои доаѓаат одвнатре и однадвор.

„Свесен сум за загриженоста што ја предизвикуваат обидите за спорадични и иритирачки провокации, коишто повремено и намерно се стимулираат во земјава, од страни, чиишто интерес се реакции – спротивни на остварувањето на нашите државни стратешки цели, или со подлабоки мотиви. Но, ние сме целосно посветени на заштитата на државните интереси и кон институционални решенија, согласно законите и европското поведение и на овој начин ќе се справуваме со таквите предизвици“, рече премиерот Ковачевски

Претседателот Стево Пендаровски положи свежо цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, на платото пред Владата а делегации од Кабинетот беа присутни на прослевите во Куманово и Прилеп.

Во честитката до граѓаните претседателот Пендаровски побара да се стави крај на поделбите до конечно национално помирување.

„ Денес после 81 година од почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија. Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите.в11 октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит. Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро, благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава“, стои во официјалната честита на претседателот Пендаровски.

Делгација на Владата која ја предводеше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во Прилеп, положи цвеќе на споменикот на Методија Андонов –Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу и се поклони пред бистите во Алејата на народните херои и положи цвеќе пред споменикот „Жена борец“, и пред Могилата на непобедените.

Националниот празник го честиташе и претседателот на најголемата опозициска партија од македонскиот кампус ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој порача дека денешниот празник е најдобар доказ дека идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилното оружје на еден човек.

„ Тоа е нашето свето антифашистичко наследство на кое сите граѓани на Македонија треба да се гордеат, затоа што застанале на вистинската страна на историјата и на тој начин го оствариле вековниот стремеж на илјадници други знајни и незнајни јунаци за слободна Македонија. Оваа борба беше континуитет на стремежот на кресненските и разловечките востаници, на гоцевите идеали, жртвата од илинденската епопеја и вербата на плејада млади синови и ќерки кои веруваат во слободата, човечкие правдини и во Македонија. Борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против повампирените хегемонистички апетити кон Македонија“, пишува во честитката од Мицкоски.

Честитка до граѓаните по повод 11 октомври - Денот на народното востание испратија повеќе партии, партии граѓански здруженија и невладини организации.

XS
SM
MD
LG