Линкови за пристапност

Царот Борис Трети е провокација кон Македонците, вели историчарот Александар Литовски


Пеејќи патриотски песни, со транспаренти на кои пишуваше „Со фашисти не се преговара“, „Фашизмот мора да падне“, „Не - за бугарскиот Хитлер“, отворањето на бугарскиот клуб во Охрид, кој го носи името на поранешниот бугарски Цар Борис Трети, ги зовре страстите меѓу насобраните граѓани. Дел од нив поддржувачи и на опозициските партии Левица и ВМРО ДПМНЕ, кои што претходно повикаа на масовни протест против отворање на клубот.

Граѓаните не се согласуваат со отворањето на ваков клуб.

„Мислам дека е провокација. Во вакви времиња, во ваква ситуација каква што е во цел свет, вакви работи мислам дека не се потребни ни за едната ни за другата страна“.

„Оправдани се во секој случај. Но, мислам дека овде Европа дава одобрување. Треба тие нешто да сторат за овие провокации. Не треба да се отворат сигурно“.

Отворањето на културен центар со името на еден од најголемите фашисти на балканските простори Царот Борис Трети е провокација, особено кон Македонците и македонската држава вели за Глас на Америка, историчарот Александар Литовски.

„Кај нас фокусот при отворање на овие бугарски здруженија низ Македонија се става на имињата на тие здруженија, Ванчо Михајлов, Цар Борис, кои се типични фашисти и се чиста провокација за Македонците и македонската држава, бидејќи стално работеле против Македонија и македонската нација. Меѓутоа позадината е уште поголема и позначајна. Имено, дека проблемот не е само во имињата туку проблемот е дека тие здруженија, наводно граѓански, а всушност антимакедонски и про-бугарски се дел од една поширока стратегија за одмакедончување на Македонците“, вели тој.

Но, претседателот на клубот Томе Блажески, вели дека не станува збор за никаква провокација.

„Ние сме почитувачи на ликот и делото на Цар Борис Трети и уште пред една година го отворивме здружението со сите документи со целата почит кон државата и институциите и законите. Се беше нормално. Нас никој не не стопира или не не забрани. После една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Немаме некои нацистички, неонацистички или фашистички движења, а доколку имаме нас нека не судат. Ниту сме помислиле да направиме некаква провокација, ниту ништо“, вели тој.

Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека ќе поднесат Закон за измена и надополнување на Законот за здруженија и фондации со што не само што ќе се спречеле идно формирање на вакви квази културни клубови, туку и ќе можело да се реагира за веќе постојните кои власта дозволила да се регистрираат.

„По, Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, не спорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители“, вели Рашела Мизрахи.

Инаку, претходно во април годинава во Битола, во присуство на тогашниот бугарски државен врв, се отвори бугарскиот клуб кој го носи името на Ванчо Михајлов, уште една контроверзна личност. Подоцна просториите на клубот беа опожарени. На отворањето и на двата клуба реагираа од Еврејската заедница во Северна Македонија, од каде рекоа дека се згрозени и навредени од нивната регистрација. А, исто како и за оној во Битола, и за овој во Охрид, предмет отвори Основното јавно обвинителство.

XS
SM
MD
LG