Од Охрид, тргна караванот, со кој се одбележуваат 30 години од партнерството на УСАИД со Северна Македонија, и нејзиното присуство во земјава, насловен како „Инспирирајте се за иднината“.
Караванот го предводат млади луѓе, студенти и средношколци, кои се вклучени во различни програми на УСАИД, а кои заеднички имаат за цел да создадат средина каде што секој ќе може да го искористи својот целосен потенцијал.
„Нашите програми се фокусираа на унапредување на децентрализацијата, промовирање на судските реформи и транспарентно владеење и иницирање решенија за е-влада. Ја зајакнавме економската конкурентност, ги охрабривме странските инвестиции во македонските компании, помогнавме да се отворат работни места и го зајакнавме претприемништвото и започнувањето бизнис. Ја промовиравме енергетската ефикасност, ја намаливме потрошувачката на енергија и помогнавме да се креираат политики за усогласување со регулативите на ЕУ. Дополнително, го зајакнавме образовниот систем од основно училиште, па се до универзитетот”, рече претставничката на УСАИД за земјата”, Џери Дајбл.
И додаде дека една од работите кои УСАИД ги прави во Охридскиот регион е партнерството за развој на туристичкиот сектор.
„Туристичката индустрија е суштински важна за економијата на Охридскиот регион и затоа соработуваме со вас за да промовираме алтернативен и одржлив туризам“, рече Дајбл.
Во Охрид, настанот беше одбележан со мотивациски говор - „Партнерството е сила“ со Марта Пејоска, модна ревија - „Рециклирана убавина“ со Ирина Тошева, концерт на џез бендот на Музичката Академија при Универзитетот „Гоце Делчев", инспириран од американскиот џез и македонските фолк традиции, откривање на мурал од Енкел Дика и изложба на фотографии „Живот поминат заедно”.
Караванот, кој ќе продолжи и во Штип, Тетово, Битола, Кавадарци, Куманово и Скопје има за цел да ги мотивира и поттикне младите да се вклучат и активно да учествуваат во градењето на издржлива иднина заедно. Ќе бидат изработени вкупно осум мурали на тема „Партнерство за подобра иднина“, кои ќе бидат поставени на локални знаменитости во сите градови каде што ќе помине караванот.
Инаку, УСАИД, односно народот на САД, само во Северна Македонија, во изминатите три децении, односно од 1993 година, има инвестирано повеќе од 840 милиони американски долари во различни проекти и програми.
„Американците и народот во земјата беа и ќе продолжат да работат во партнерство за да се справат со приоритетите на Северна Македонија, да ги поттикнат реформите кои и помагаат на земјата на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, да промовира одговорно лидерство и да изгради локално одржлив развоj. Заедно со УСАИД, луѓето од селата и градовите низ Северна Македонија видоа дека нивните животи се менуваат на подобро. На тоа патување, бројни земјоделци, претприемачи, активисти на граѓанското општество, креатори на политики, наставници, жени, млади луѓе и нивните семејства од прва рака ја доживеаја трансформативната енергија на зајакнувањето на луѓето со можности“, велат од УСАИД.