Линкови за пристапност

Советот за безбедност на ОН ќе одржи итен состанок откако Северна Кореја испука балистички проектил над Јапонија


Советот за безбедност на Обединетите нации денес ќе одржи итен состанок на кој ќе разговара за пробното истрелување на балистичка ракета од Северна Кореја над Јапонија.

Отворената средба беше побарана од САД.

„Мораме да ја ограничиме способноста на Северна Кореја да ги унапредува своите незаконски програми за балистички ракети и оружје за масовно уништување“, напиша на Твитер Линда Томас-Гринфилд, амбасадор на САД во Обединетите нации.

Началникот на Здружениот генералштаб на Јужна Кореја го нарече севернокорејскиот проектил балистичка ракета со среден дострел, лансирана од севернокорејската област Јаганг, летајќи на растојание од 4.500 километри со височина на летот од 970 километри.

Воените сили на САД и Јужна Кореја истрелаа во морето раноденес и организираа вежба за бомбардирање во Жолтото Море како одговор на лансирањето на севернокорејската ракета.

Американскиот претседател Џо Бајден и јапонскиот премиер Фумио Кишида го осудија лансирањето на ракетата за време на телефонски разговор вчера, се вели во соопштението на Белата куќа.

„Лидерите заеднички најостро го осудија ракетниот тест на Северна Кореја, признавајќи го лансирањето како опасност за јапонскиот народ, дестабилизирање на регионот и јасно кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации“, се вели во соопштението.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, агенцијата Франс- прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG