Линкови за пристапност

ЦИА: Путин може да биде „опасен и непромислен“ доколку е притиснат


Додека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) ја прославува својата 75-годишнина оваа година, разузнавачката заедница будно ја следи војната во Украина и рускиот претседател Владимир Путин. Си Би Ес Њус го посети седиштето на агенцијата во Ленгли, Вирџинија, за да разговара со директорот Вилијам Барнс и да го праша дали Путин е загрижен за напредокот што војската на Украина го прави а стотици илјади Руси бегаат од Русија.

„Тој мора да биде загрижен, не само за она што се случува на бојното поле во Украина, туку и поради она што се случува дома и што се случува на меѓународно ниво“, изјави Барнс за „ Си Би Ес Њус“.

„Путин и кинескиот претседател Џјинпинг минатиот февруари непосредно пред почетокот на војната застанаа заедно и прогласија пријателство без граници. Испадна дека тоа пријателство сепак има некои граници“, рече Барнс директорот на ЦИА.

Барнс додаде дека Кина е донекаде пригушена во нејзината поддршка за Русија во конфликтот, истакнувајќи дека таа не го обезбедила типот на воена поддршка на која најверојатно се надевал Путин. Сепак, рече Барнс, Путин останува „тврдоглаво уверен во сопствените проценки“.

Барнс рече дека рускиот лидер може да биде „прилично опасен и непромислен“ кога се чувствува заглавен или „потиснат до ѕидот“. Но, Путин, според проценката на Барнс, го засновал својот пристап на „погрешни претпоставки, и мислел дека може да се справи со Украина, со САД и со Западот“.

Што се однесува до тоа колку внимателно Кина обрнува внимание на војната, Барнс рече дека верува оти Џјинпинг „гледа што се случува во Украина“.

„Мислам дека тој е донекаде отрезнат од лошите перформанси на руската војска“, рече тој. „Кинеското раководство виде што се случи за време на руската инвазија, а луѓето кои ги напаѓате се спротивставуваат со многу храброст и истрајност.

Ова откритие, рече Барнс, веројатно би можело да го промени ставот на Џјинпинг кон Тајван.

„Претседателот Џјинпинг е цврсто решен на обединување, или со други зборови за постигнување контрола над Тајван, и се стреми кон тоа доколку е можно да биде постигнато со помалку употреба на сила“, објасни Барнс. „Но, тој исто така и нареди на својата војска, да биде подготвена најдоцна до 2027 година да изврши успешна инвазија на Тајван. Но, реалноста, барем како што ја гледаме денес, е дека колку понатаму влегувате во оваа деценија, толку е поголема веројатноста од ризик да дојде до потенцијален конфликт“, додаде тој.

Извор: Си Би Ес Њус

XS
SM
MD
LG