Се договорија дека треба да се договорат – така заврши денешната средба меѓу владата и Синдикатот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – најстарата и најголема високообразовна институција во земјава.
Владиниот тим – премиерот и министрите за финансии и образование, на состанокот кој поминал позитивно, покажал разбирање за барањата на синдикалците, но и побарал дополнително време за пресметки аргументирајќи дека е тешка економска ситуација.
„Заклучивме дека од нивна страна постои политичка волја да излезат во пресерт на барањата на синдикатот, но побараа да направат дополнителни пресметки зашто во периодот што доаѓа е донесувањето на Буџетот за новата година. Така што, во некое блиско време повторно ќе имаме средба на која ќе бидеме повикани и очекуваме, конечно, да биде позитивно одговорено на нашите барања. Затоа што ако држава не инвестира во високото образование, во науката, тогаш таа држава нема иднина“, изјави Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Барањата се годишно зголемување на платите за 25 проценти во наредните 4 години зашто просечните примања на еден професор во една од клучните високообразовни институции изнесуваат 650 евра.
За споредба професорката плата во соседно Косово е 1500 евра, во Србија 2000 евра, во Хрватска 2500 евра. Се инсистира и на потпишување колективен договор, но и на суштинско инвестирање во науката.
„Побаравме и зголемување на издвојувањата за науката науката зашто процентот што се издвојува за наука е многу мал. Не може да очекувате да бидете рангирани на шангајската листа ако имате минимални издвојувања за истражувања. Нема елементарни услови за работа - нема пристап до бази, обезбедување литература, гостување во странство. Како вие ќе отидете со 650 евра во Лондон или во Париз, не можете да отидете ниту до Ниш на една конференција“, рече Ристов.
За ситуацијата во високото образование во земјата најдобро зборува и новата Шангајска листа на најдобрите универзите во светот на која, меѓу првите илјада, нема ниту ниеден домашен универзитет.
Има високорангирани универзитети од Србија, Словенија, Хрватска, но не и од Северна Македонија.