Линкови за пристапност

Сопругата на судијата на Врховниот суд се појави денес на интервју на панелот поврзан со 6 јануари


ВАШИНГТОН (АП) - Конзервативната активистка Вирџинија „Џини“ Томас, сопругата на судијата на Врховниот суд Кларенс Томас, се појави денес на доброволно интервју на панелот во американскиот Дом кој ги истражува немирите на 6 јануари.

Комитетот со месеци бара интервју со Томас во обид да дознае повеќе за нејзината улога во обидот да му помогне на поранешниот претседател Доналд Трамп да го поништи неговиот изборен пораз. Таа испратила порака до шефот на кабинетот на Белата куќа Марк Медоус и контактирала со пратениците во Аризона и Висконсин деновите по изборите.

Појавувањето на Томас на Капитол Хил го потврдија две лица запознаени со работата на комитетот кои не беа овластени јавно да разговараат за тоа.

Сведочењето од Томас - позната како Џини - беше една од преостанатите ставки за панелот за завршување на својата работа. Комисијата веќе сослуша повеќе од 1.000 сведоци и прикажа дел од тоа видео сведочење на своите осум рочишта во текот на летото.

Адвокатот на Томас, Марк Паолета, минатата недела рече дека Томас се согласила да се сретне со комисијата и дека е „желна да одговори на прашањата на комисијата за да се расчистат сите заблуди за нејзината работа во врска со изборите во 2020 година“.

Степенот на нејзината вмешаност во нападот на Капитол е нејасен. Во деновите откако Асошиејтед прес и други новински организации ги објавија резултатите за претседателските избори во полза на Бајден, Томас испратила електронска пошта на двајца пратеници во Аризона за да ги повика да изберат „чиста листа на избирачи“ и „да застанат цврсто пред политичкиот и медиумскиот притисок“. АП ги добил мејловите претходно оваа година според законот за отворена евиденција на државата.

Таа во интервјуата рече дека присуствувала на првичниот про-Трамп митинг утрото на 6 јануари, но заминала пред Трамп да зборува и толпата да се упати кон Конгресот.

Томас, поддржувачка на Трамп долго време е активна во конзервативни каузи, постојано тврдеше дека нејзините политички активности не претставуваат конфликт на интереси со работата на нејзиниот сопруг.

XS
SM
MD
LG