Потпретседателката на САД Камала Харис денес ја критикуваше надворешната политика на Кина во говор во близина на Токио, велејќи дека агресивното однесување на Пекинг го загрозува „меѓународниот поредок заснован на правила“.
Харис ги даде коментарите во обраќањето до припадниците на американската војска на бродот закотвен во поморската база Јокосука, најголемата американска поморска инсталација во светот.
„Кина ги поткопува клучните елементи на меѓународниот поредок заснован на правила. Кина ја оспори слободата на морињата. Кина ја зголеми својата воена и економска моќ за да ги принуди и заплаши своите соседи. Сведоци сме на вознемирувачко однесување во Источното Кинеско Море и во Јужното Кинеско Море и неодамна, на провокации низ Тајванскиот теснец“, рече Харис.
Таа додаде дека „САД веруваат оти мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец се суштинска карактеристика на слободниот и отворен Индопацифик“.
Таа рече дека САД ќе продолжат да летаат, пловат и оперираат без страв, секаде и секогаш, кога меѓународните законот дозволува.
Харис утре оди во Сеул, каде ќе ја посети демилитаризираната зона што ги дели Северна и Јужна Кореја. Додека е во Сеул, Харис ќе се сретне и со јужнокорејскиот претседател, кој ја презеде функцијата во мај.
Тој се залага за проширување на сојузот на Јужна Кореја со САД. Северна Кореја лансираше рекорден број ракети оваа година, вклучително и балистичка ракета со краток дострел во неделата пред посетата на Харис.