Линкови за пристапност

Јагленот се враќа, зелената енергија во мирување


Европа зелената енергија за сега ја става настрана и повторно се враќа на искористувањето на јагленот како енергенс за производство на електрична енергија, велат експертите. Според нив, европските држави како што е Германија, избрзале со одлуката за затворање на јаглените централи.

„Тие тоа го напрвија мудро, ги затворија и ги оставија како златни резерви. Сега се активирани во Германија голем дел на јаглените централи. Зеленото сценарио во оваа криза не важи ни за Германија, Грција, Чешка, Полска ниту за другите земји, кои произведуваа електрична енергија од јаглен. Мислам дека преуранета беше одлуката да се затворат јаглените централи“, вели Благој Гајдарџиски, претседател на здружение на енергетичари на Македонија-ЗЕМАК.

„И, кај нас ТЕЦ Неготино не работеше 12 години, па заради ситуацијата се стави во погон. Сега се наоѓаме во една таква ситуација и кај нас и во Европа, сите земји ги ставаат на располагање своите капацитети, а екологијата е малку тргната на страна за да се произведе потребната енергија и за стопанството, домаќинството и населението“, вели професорот Антон Чаушевски.

И, Северна Македонија повторно го вклучува во поголем обем користењето на јагленот во домашните производствени капацитети. Од државните електрани ЕСМ, велат дека плановите за префрлување на цела Европа, кон обновлива енергија останува, но оти тоа ќе се случи малку подоцна.

„Високите цени кои произлегоа најмногу од политичко-економските игри со гасот влијаеа на тоа оние планови кои сите земји од Западна Европа, вклучително и ние ги имавме, ги продолжи на други рокови. Ако некој планирал да ја исклучи електраната во 2027 година, сега тоа ќе го пролонгира за две години понатаму“, вели Благојче Трпоски, директор за производство во ЕСМ.

За Гајдарџиски кој смета дека енергетската криза ќе трае во наредните пет до десет години, земјава ќе треба да ги промени домашните регулативи, ако сака да оди напред.

„Дозвола за градба на една фотонапонска централа не треба да трае повеќе од шест месеци. Второ, фотонапонски централи не треба да се рачунаат како траен објект, туку како привремен објект, со цел да се добијат побрзо дозволите за приклучок .Ако тоа се воспостави, ние ќе можеме со наше производство, од соларни централи, брзо, ефикасно и исплатливо да излеземе од кризата“, додава Гајдарџиски.

Иднината на енергетскиот сектор е во поставување на пловни фотонапонски електрани на вештачките езера, нешто што како потенцијал го поседува и земјава. Инвестицијава е за 30% поскапа од поставувањето на панелите на земја, но производството на струја е поголемо.

„Се работи за пловни електрани на ХЕЦ Козјак, Глобочица, Маврово, Тиквеш и Шпиље. Се поставуваат на површината на водата. Тие ќе бидат со годишно производство од 850 мегавати. Би биле со годишно производство еднакво колку хидроелектраните, колку што произведуваат во целата година. Тие би биле од огромно значење за Македонија. Односно би се намалило испарувањето на водата, со тоа што би штеделе на вода“, рече Миле Симоноски од ЕСМ.

Во светски рамки, сето ова е на самиот почеток. Најмногу е застапено во земјите од Азија, како и во некои европски држави.

XS
SM
MD
LG