Содржината во учебниците во основното образование е една од темите на кои ќе дискутираат историчарите. Засега нема потврда дека ќе се разговара за Гоце Делчев, за кој историчарите од двете држави имаат тврд и дијаметрално спротивен став. Според копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓорѓиев, допрва следува најтешкиот дел од работата на Комисијата – периодот на 19 и 20 век. Ова е прва средба на историчарите по потпишувањето на Протоколот за спроведување на Договорот со Бугарија за добрососедство
СКОПЈЕ – Членовите на мешовитата Комисија за историски прашања се собраа во Скопје каде што во просториите на Министерството за надворшени работи, денес и утре, ќе го одржат дваесетиот состанок. Ова е прва средба по потпишувањето на вториот Протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија
Пред почетокот на состанокот историчарите се воздржаа од изјави и коментари околу тоа што ќе се разговаара денес и утре како и дали повторно ќе се дебатира за етничкиот идентитет на Гоце Делчев, нешто на што бугарските историчари инсистираа а македонските го одбијаа бидејќи се на став дека не е нивна задача да се утврдува историските личности како се чувствувале и произнесувале туку која била нивната улога и значење.
Според неофицијалните информации ќе се дебатира за содржината на два учебника по историја од седмо оделение во Северна Македонија и и три учебника од шести клас во основното образование во Бугарија.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на 15 август ги објави досега усвоените препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Северна Македонија и петти клас во Бугарија, како и препораките за заедничко чествување на Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и Цар Самоил.
Тогаш копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓорѓиев, објасни дека во однос на учебниците станува збор за содржини кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави но и да предизвикаат тензии и омраза.
Според Ѓорѓиев допрва следува најтешкиот дел од работата на Комисијата – периодот на 19 и 20 век.
„Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период за којшто ќе дискутираме, дискусиите ќе траат и во крајна линија ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија по секоја цена мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија“,рече Ѓоргиев.
МНР пак вчера соопшти дека Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја – Скопје експерт за доцно османлискиот период, е назначен за нов член на Комисијата на местото на Ванчо Ѓорѓиев кој поднесе оставка.