Линкови за пристапност

Блинкен во Мексико да разговара за економијата и нелегалните мигранти


Мексико е меѓу трите најголеми трговски партнери на САД
Мексико е меѓу трите најголеми трговски партнери на САД

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и високи трговски функционери денес одат во Мексико на економски разговори на високо ниво, чија цел е да ги поправат односите кои се влошија поради имиграцијата и други прашања.

„Покрај економскиот дијалог на високо ниво, секретарот Блинкен планира да се сретне со претседателот (Андрес Мануел) Лопез Обрадор и министерот за надворешни работи (Марсело) Ебрард за да разговараат за билатералните економски односи и другите заеднички политички приоритети како што се нерегуларната миграција и запирање на шверцот со фентанил “, изјави во петокот највисокиот функционер на Стејт департментот за Латинска Америка Брајан Николс.

Во американската делегација се и секретарот за трговија Џина Рајмондо и заменик-трговскиот претставник на САД Џејм Вајт.

Мексико е постојано меѓу трите најголеми трговски партнери на САД.

Пред пандемијата на коронавирус, Мексико беше вториот по големина извозен пазар во САД во 2020 година.

Средбата на Блинкен со Лопез Обрадор во Мексико Сити доаѓа два месеца откако американскиот претседател Џо Бајден се сретна со мексиканскиот претседател во Белата куќа, каде Бајден рече дека двата соседа треба да ги обноват односите.

Во јуни, Лопез Обрадор го бојкотираше Самитот на американските континенти, чиј домаќин беше САД, бидејќи во разговорите беа исклучени лидерите од Куба, Никарагва и Венецуела. Самитот имаше за цел да ја промовира демократијата и да се справи со прашањата, вклучително и миграцијата.

Американските власти велат дека приливот на илегални имигранти кои ја преминуваат границата меѓу САД и Мексико создал тензии во САД.

Во последниве месеци, државата Тексас испрати илјадници мигранти со автобуси во Њујорк и Вашингтон, велејќи дека овој потег е потребен за да се олеснат преоптоварените погранични заедници.

САД и Мексико исто така се во несогласување околу енергетската политика. САД ја доведуваат во прашање поддршката на мексиканската влада за сопствените енергетски компании контролирани од државата, велејќи дека тоа го прекршува трговскиот договор и ја ограничува способноста на американските фирми да се натпреваруваат во Мексико.

Мексиканскиот министер за надворешни работи Ебрард рече дека енергетските политики не се на агендата на разговорите денес.

Дел од информациите во овој текст се преземени од Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG