Со интонирање на македонската и на украинската химна, денеска во Скопје беше отворена првата Алеја на Украина, а во име на пријателството меѓу двата народа. На отворањето беа присутни новата украинска амбасадорка во земјава, Лариса Дир, македонскиот амбасадор во Украина, Крум Ефремов, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, како и претседателот на Здружението на Украинците, Олександр Урбанович.
„Северна Македонија ја поддржува и ѝ помага на Украина во сите можни сфери. Вие сте наши сигурни пријатели и сојузници, ние заедно со вас се бориме за демократската иднина на светот“, истакна амбасадорката Дир.
Градоначалникот на Центар, пак, Герасимовски, истакна дека општината е отворена да ги прифати лицата од завојуваните делови од Украина, коишто бараат засолниште од руската инвазија.
Претседателот на Здружението, „Лесја Украинка“ рече дека Алејата ја симболизира борбата за демократските вредности.
„Воедно, алејата ќе биде симбол и за поддршката што кон Украина ја упатува македонскиот народ“, рече Урбанович.
Во рамките на свеченост беа изложени и повеќе фотографии од историски објекти и културни објекти во Украина, коишто биле уништени со руската инвазија.
Како што беше најавено, Алеја посветена на македонскиот народ наскоро ќе биде отворена и во Украина, како благодарност за поддршката и помошта упатена кон украинскиот народ.