САД ќе ги зголемат залихите на домашни тестови за ковид-19, нарачувајќи повеќе од 100 милиони тестови од домашни производители, соопшти Белата куќа, но предупреди дека тоа е краткорочно решение.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден постојано и неуспешно бараше од Конгресот повеќе пари за пандемијата. Минатата недела рече дека ќе побара итно финансирање од 22,4 милијарди американски долари за олеснување на ситуацијата со ковид-19, пред потенцијалниот пораст на нови случаи наесен.
„Администрацијата дејствува, во рамките на своето ограничено финансирање, за да ја зголеми понудата на домашни тестови со купување на над 100 милиони дополнителни домашни, брзи тестови од домашни производители“, изјави Белата куќа.
Администрацијата предупреди дека нема да може да обезбеди доволно тестови, вакцини и третмани без повеќе средства.
„Иако не е доволно за адекватно надополнување на нашите постоечки залихи на домашни тестови, оваа набавка ќе помогне да се задоволат некои потреби за тестирање во месеците што следат и ќе не` стави во подобра позиција да управуваме со потенцијалното зголемување на побарувачката за тестирање оваа есен и зима“, рече Белата куќа.
Администрацијата, исто така, започнува програма за таканаречено телездравство, која ќе им овозможи на луѓето во 15 рурални и високоризични заедници да добијат тестови до нивните домови, да користат телездравство за да се консултираат со лекар и да добијат антивирусни третмани препишани и испорачани доколку е потребно.
Во моментов има 2.800 локации каде што луѓето можат да се тестираат во аптека и веднаш да добијат бесплатни таблети доколку се покажат позитивни.
Извор: Ројтерс