„Вашингтон пост“ во вторникот објави дека меѓу документите што ги пронашле агентите на ФБИ во домот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Флорида минатиот месец е и еден во кој се опишува воената одбрана на друга земја, вклучувајќи ги и нејзините нуклеарни капацитети.
Од „Вашингтон пост“ велат дека нивниот извештај се заснова на информации добиени од луѓе запознаени со ова прашање, но без да биде наведено името на инволвираната странска влада.
Во извештајот, исто така, се вели дека некои од документите запленети во претресот на 8-ми август во одморалиштето Мар-а-Лаго на Трамп ги опишуваат операциите на САД кои се со ознака „доверливи“ што многу други високи функционери за национална безбедност не знаат за нив.
За време на претресот во август, ФБИ заплени околу 11.000 документи, вклучително и околу 100 кои беа означени како „доверливи“.
Трамп, кој ја напушти функцијата во јануари 2021 година, врати стотици документи во јануари и јуни оваа година. Но, јавниот обвинител Мерик Гарланд ја овласти, а федералниот судија ја одобри, истрагата во август, откако обвинителите рекоа дека од внатрешни извори дознале дека повеќе документи останале во одморалиштето на Трамп.
Трамп се спротивстави на претресот и неговите адвокати побараа федерален судија да назначи специјално лице кој ќе ја разгледа збирката на документи за да утврди дали некои треба да му бидат вратени.
Судијата го одобри барањето во понеделникот и одреди рок до петок и двете страни да достават список со потенцијални кандидати за специјални лица.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.