Линкови за пристапност

МААЕ „сериозно загрижена“ за безбедноста на централата во Запорожје, стои во најновиот извештај


Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денес соопшти дека е „сè уште сериозно загрижена“ за безбедноста на најголемата европска нуклеарна централа, постројката Запорожје, која се наоѓа во средината на интензивните борби меѓу украинските и руските сили во јужна Украина.

„Сегашната ситуација е неодржлива, а најдобрата акција за да се осигури безбедноста на нуклеарните постројки на Украина, ќе биде овој вооружен конфликт сега да заврши“, се вели во новиот извештај на нуклеарната агенција на Обединетите нации.

МААЕ соопшти дека открила голема штета во централата, но не ја префрли вината на никого. Русија, чии сили го контролираа објектот уште од почетокот на нејзината инвазија, и Украина, чии инженери управуваат со централата, се обвинуваат меѓусебно околу гранатирањето на објектот.

Инспекторите на МААЕ соопштија дека пронашле руски војници и опрема внатре, вклучително и воени возила паркирани во близина на турбините.

„Украинскиот персонал кој работи со фабриката под руска воена окупација е под постојан голем стрес и притисок, особено со ограничениот персонал на располагање“, се вели во извештајот на МААЕ. „Ова не е одржливо и може да доведе до зголемена човечка грешка со импликации за нуклеарната безбедност.

Нуклеарната агенција на ОН соопшти: „Во очекување на крајот на конфликтот и повторно воспоставување стабилни услови, постои итна потреба од привремени мерки за да се спречи нуклеарна несреќа што произлегува од физичка штета предизвикана со воени средства“.

Агенцијата повика на „итно воспоставување нуклеарна безбедносна зона за заштита“ околу локацијата Запорожје, очигледен повик за нешто приближно на демилитаризирана зона во близина на електраната. Тоа е тампон што светските лидери претходно го бараа, но завојуваните земји не го спроведоа.

МААЕ соопшти дека е подготвена веднаш да започне консултации „што ќе доведе до итно формирање на таква зона за заштита на нуклеарната безбедност“.

Од агенцијата велат: „И покрај ваквите неодржливи околности“ во Запорожје, трите други нуклеарни централи во Украина - Хмелницки, Ривне и Јужна Украина - „продолжија да работат безбедно од почетокот на конфликтот“ на 24 февруари.

Од МААЕ соопштија дека Гроси подоцна во текот на денешниот ден планира да го информира Советот за безбедност на ОН за неговата инспекција на фабриката во Запорожје. Од таму додаваат дека двајца нејзини експерти остануваат во фабриката за „да ја набљудуваат ситуацијата“.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG