Премиерот Димитар Ковачевски верува дека Северна Македонија може да ги заврши преговорите за членство со Европската Унија, кои почнаа летово, до крајот на 2030 година.
Оптимистичката проценка на Ковачевски следи откако владата ја утврди структурата за пристапни преговори со ЕУ. Решено е вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, да биде главниот преговарач.
Во неговиот тим, како што беше најавено, ќе учествуваат домашни и странски експерти, државни службеници...
Премиерот е уверен дека државата има капацитети за успешно завршување на процесот – повика на општествен консензус, активно вклучување на опозицијата, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата и академската јавност.
„Завршување на преговорите до 2030 година е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна и јас сум силно убеден дека до следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија. Ќе работиме посветено за нашата земја да биде еднаква со сите други земји членки, да учествува во креирањето на политиките на ЕУ секако со заштита на нашите државни интереси. Верувам во капацитетот на институциите. Нашата иднина е во ЕУ. За нас ова нема алтернатива и затоа потребно е сите заедно да дадеме поддршка да се вклучиме, да ја искористиме шансата која што е пред нас и со брзи чекори и самоуверено да одиме напред кон полноправно членство во ЕУ“, рече Ковачевски.