Линкови за пристапност

Од денес почнува контролата на ОН во нуклеарката Запорожје


Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, изјави за новинарите дека има „зголемена воена активност, вклучително и утринава“, во близина на централата.

„Но, без разлика на добрите и лошите страни, отидовме досега, не запираме“, рече Гроси.

Украина и Русија постојано се обвинуваат меѓусебно за гранатирање на областа во близина на електраната, најголемиот нуклеарен објект во Европа воедно и клучниот извор на енергија за Украина.

Русија изјави дека Украина испратила тим војници во обид да ја заземе централата, додека Украина вели дека руските сили ја гранатирале рутата по која тимот на Меѓународната агенција за атомска енергија треба да стигне до локацијата.

Од компанијата која ги надгледува украинските нуклеарни централи, велат дека руското гранатирање го навело системот за итна заштита на централата во Запорожје да затвори еден од нејзините реактори.

Гроси рече дека очекува почетната работа на неговиот тим да трае неколку дена и дека се надева дека ќе воспостави постојано присуство.

Со оглед на тоа што нуклеарната централа е среде воена зона, светските лидери изразија стравување дека може да биде оштетена и да резултира со катастрофа како онаа во украинската централа во Чернобил во 1986 година.

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, во средата го повтори својот повик до Русија целосно да ја демилитаризира областа околу централата.

XS
SM
MD
LG