Со завршувањето на летниот распуст завршува и пливањето за стотина струшки таленти, кај кои желбата за успех во овој спорт најчесто завршува на лето. Затворениот пливачки базен во Струга со години е надвор од функција и е руиниран, па само мал дел од најупорните, тренинзите ги продолжуваат во некој од малите хотелски базени.
„Од 7-ми јуни сме во вода. За жал немавме други услови па мораме во езеро да почнеме. Условите кои ги добиваме се прескапи. Тоа се големи суми што не може секој родител да ги одвои за детето да продолжи на зима да плива. Ограничени сме на три месеци во езеро“, рече Никола Кутаноски, тренер по пливање.
Само низ пливачката школа на Кутаноски, летово поминале повеќе од 300 деца. Клубот брои и 70 членови, кои се натпреварувачи.
„Имам осум години. Најдобар триотланец сум од малите деца и најубаво ми е да вежбам пливање, трчање и велосипед“, вели пливачот Јован Кутаноски.
„Најдобра дисциплина ми е да пливам делфин. Сакаме да имаме повеќе услови за пливање. Бидејќи немаме, повеќето тренираме возење и трчање“, вели пливачката Теа Кукунешоска.
Стружани велат дека е потребна поголема институционална грижа и поддршка за овие деца.
„Пред 50 години имаше, а сега нема базен. Тоа е не само жално туку и трагично. Имаше пливање, се` имаше, но сега ништо“, вели родителот Магдис Вангел.
„Тоа е многу жално. Имавме базен до пред 10-15 години, а сега стана руина. Внучето ми тренира, почна со пливање од почетокот на летото и доста има напреднато“, вели родителот Бошко Јулоски.
Струга од секогаш била расадник на спортисти во повеќе спортови на вода. Такви се веслачите и кајакарите. Веслачкиот клуб, „Црн Дрим“ е најстариот во земјава и постои од 1933-та година. Учесници се на меѓународни регати и регати на државно ниво, европски и светски првенства, медитерански игри. Добитници се и на бројни награди.
„Условите не се сјајни. Некои можности ни се скратени, а за да се одржува и да се постигнуваат повисоки резултати, потребни ни се подобри услови. Се вложувало многу повеќе порано. Имало повеќе деца. На натпревар оделе со два автобуси полни деца, а сега сме мал број. Успеваме да се одржиме, но со многу труд“, вели Марјан Влаќески, тренер во веслачкиот клуб Црни Дрим од Струга.
Целосно замрено е и ватерполото. Летово група вљубеници во овој спорт со цел да ги оживеат сеќавањата, одиграа ревијален натпревар со ватерполисти од Скопје во водите на реката Црн Дрим.
„Ние сега размислуваме, догодина да организираме турнир. Да ги поставиме головите во реката, да има повеќе терени. Да има екипи од различни земји. И, да е еден настан кој би траел една недела за да ја пополни туристичката сезона“, вели Круме Гаговски, вљубеник во спортови на вода.
Надежите се дека наскоро ќе биде завршена обновата и на затворениот базен која е во тек.