„Јас ја сметам наградата „Браќа Миладновци“ за најависока национална награда за поезија. И ме радува што ја добивам по вторпат, бидејќи тоа е не само лична сатисфакција која што ми говори дека она што го работам, го работам добро. Добивајќи ја веќе по вторпат, можам да речам дека мојата поезија се чита и се вреднува“, вели поетот Зоран Анчевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за книгата „Збунети компаси“.
Тој во разговор за Глас на Америка вели дека одамна е врзан за Струга и фестивалот и оти оваа награда има цел да го подигне квалитетот на пишаниот збор.
Го прашавме на кое ниво денес е македонската поезија.
„Секоја генерација си носи свои вредности, бидејќи контекстите се различни од генерација до генерација. Секоја генерација мора да си остави квалитетен простор во кој ќе делува. Мојата генерација можеби чекаше малку подолго за да го оствари тој простор и да се пласира, како квалитетна генерација поети. Меѓутоа сега доаѓаат нови генерации. Многу ќе ме радува, кога млад поет, како што беше случај пред две-три години, со дебитанска книга ја доби оваа вредна национална награда“, рече Анчевски.
Додава дека благодарение на државата, фестивалот се` уште опстојува повеќе од 60 години.
„Се разбира може работите да се многу полоши. Овој фестивал заради немање средства да згасне. Но, свеста и кај оние кои не се наклонети кон културата, како битен елемент во општеството нема да престане. Туку таа свест понатаму ќе се развива. Живееме во кризни времиња, кога денарот се дели на две на три за да се задоволат некои елементи на она што го нарекуваме општетвено живеење. Културата е секако еден голем дел од тоа општествено живеење. И ако ја снема културата ќе не` снема и сите нас“, вели тој.
Фестивалот годинава се одржува во време кога во Украина има војна.
„Поетите кога доаѓаат на фестивалите се обидуваат да го кажат својот глас, против се` што е авторитарност, војна или пак она што се вели дискриминација од секаков тип. Мислам дека поетите кога се дружат на фестивалите се обидуваат да го пренесат преку својата поезија, преку својот поетски глас она што му е неопходно на човекот да живее во мир“.
А, за Анчевски, поезијата е нешто која сама по себе треба да носи мир.
„И таа порака треба да ја сфатиме како благородна порака, која не е заведена од разни политички инфилтрации во мислењето, туку е чисто слободна мисла, која го повикува човекот духовно да го почувствува тој внатрешен мир“, рече Анчевски.